| четврток, 6 декември 2018 |

Папуљас нема да учествува на самитот во Охрид?

karolos papulas2

Грчкиот претседател Каролос Папуљас нема да учествува на самитот на шефови на држави и на влади за процесот за соработка во Југоисточна Европа, на 1 јуни во Охрид,.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов уште во ноември минатата година му испрати писмо со покана на Папуљас за учество на самитот на шефови на држави и на влади за процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид.

„Приоритетите што беа поставени за време на нашето претседавање и средбите што ќе следуваат до завршниот Самит, уверен сум, ќе им помогнат на регионалната соработка и на напредокот на целиот регион на полето на европските и на евроатлантските интеграции“, вели Иванов во писмото до Папуљас.

Македонскиот претседател предлага учесниците на завршниот самит да се фокусираат на две актуелни и тесно поврзани прашања од глобално значење: намалувањето на ризиците од катастрофи и приспособувањето кон климатските промени, како комплементарни концепти што се дел од истата равенка, чиешто решение мора заедно да се бара. Иванов истакнува дека климатските промени и ризикот од катастрофи се реалност на денешнината, но и реална закана за иднината. Закана што може да се отстрани само со исполнување на преземените обврски и многубројни заложби на сите.

„Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди“, заклучува шефот на македонската држава.

Во истото писмо Иванов го информира Папуљас дека на 2 јуни ќе се одржи и 11. по ред Форум посветен на дијалогот меѓу цивилизациите. Форум што почна во 2003 година во Охрид и кој даде исклучителни резултати и до денес непрекинато се одржува во соработка со УНЕСКО и со Советот на Европа.

И грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос сѐ уште нема официјално одговорено на поканата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за учество на самитот на министри за надворешни работи на учесничките на ПСЈИЕ, кој ќе се одржи на 31 мај.

На последниот состаноци кај портпаролот на грчкото МНР, на новинарско прашање дали Аврамопулос ќе ја разгледа поканата од Попоски за учество на самитот во Охрид, Делавекурас рече дека програмата на министерот за мај сѐ уште не е финализирана и затоа нема што да соопшти. Молкот од грчкото МНР на оваа тема сѐ уште трае.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top