Нова покана за средба со претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас, испрати претседателот Ѓорѓе Иванов на денешната средба со новиот шеф на грчката Канцеларија за врски во Македонија Теохарис Лалакос.
– Македонија е подготвена за јакнење на меѓусебната соработка во сите сфери од заемен интерес со Грција и е отворена за средби, размена на мислења и ставови – истакнал Иванов.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот по средбата, Иванов изразил надеж дека канцелариите за врски меѓу двете земји ќе прераснат во амбасади.
– Длабоко сум убеден дека со тоа, ние како први луѓе на двете соседни земји, ќе дадеме значаен придонес во нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничката сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство – истакнал македонскиот претседател на средбата со Лалакос.
Иванов и Лалакос размениле мислења и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на високото образованието, преку создавање заеднички студиски програми, размена на професори и студенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.