| четврток, 6 декември 2018 |

Проекција на „Среќна нова ’49“ 30 години по премиерата во Кинотека

По повод 30 години од премиерата, утре, 29 ноември во 19 часот во Kинотеката на Македонија ќе биде прикажана новореставрираната копија на култниот филм на Столе Попов „Среќна Нова ’49“ во присуство на дел од екипата што учествувала во снимањето на филмот.

„Среќна Нова ’49“, во продукција на „Вардар филм“ во 1986 година го остварил дотогаш најголемиот успех на македонската кинематографија, кога на 33. Пулски филмски фестивал (17 -25 јули) добива „Голема златна арена“ за најдобар филм, Гордан Михиќ добива „Златна арена“ за најдобро сценарио, Душко Kостовски „Златна арена“ за машка епизодна улога, Љупчо Kонстантинов „Златна арена“ за музика, Радмила Иватович добива „Златна арена“ за маска, „Златен гладијатор“ добива режисерот Столе Попов…

Македонската премиера на филмот била во Скопје на 6 октомври 1986 година во 20.30 во кино „Вардар“.

– Триумфот на овој филм на смотрата на југословенски играни филмови беше дочекан еуфорично во Македонија, но таа еуфорија од почетокот на неговото прикажување се покажува оправдана еве веќе и по 30 години. „Среќна Нова ’49“ не заврши како филм што го искористил моментниот политички миг, туку остана како филм со трајни естетски вредности. Овој филм, што раскажува приказна за распаѓањето на едно семејство, во турбулентниот повоен период оптоварен од резолуцијата на Информбирото што придонесоа до раскинување на врските на Југославија со Советскиот Сојуз, и по 30 години зрачи со свежина. Не само со вонвременскиот пристап кон темата, туку и со иновативниот пристап на авторите, пред се на Столе Попов – соопштија од Kинотеката.

„Среќна Нова ’49“, во режија на Столе Попов, е по сценарио на Гордан Михиќ. Улогите ги толкуваат Александар Ѓорчев, Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владица Милосављевиќ, Петар Арсовски, Мите Грозданов, Душко Kостовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top