Екипата на Карпош Соколи ќе биде осетно засилена во следниот период во натпреварите од АБА и од БИБЛ-лигата, откако денеска беше официјализиран договорот со Американецот Џејсиан Пејџ (22 год., 188 см.).
Станува збор за кошаркар кој игра на двете бековски позиции и кој на тренерот Драган Николиќ ќе му донесе далеку поголема доза на сигурност во играта, особено во организацијата на нападите. За Пејџ ова е прва европска сезона, која ја почна во германскиот второлигаш Етингер рокетс. Претходните две години, тој беше носител на играта на Универзитетот Вест Вирџинија, каде што во последната сезона имал просек од 14,3 поени.
Американецот се очекува да пристигне во Скопје во текот на следните денови, што значи дека нема да биде во составот на „соколите“ на утрешниот меч против Цедевита на домашен терен, но дека ќе биде целосно подготвен за да даде сѐ од себе во обидот да се совлада Задар на гостински терен наредниот викенд во склоп на АБА-лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.