| четврток, 6 декември 2018 |

Јакимовски: Заев во 2013 година му работеше зад грб на СДСМ и подготвуваше тајни листи за избори

 

stevco-jakimovski-int186-1Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, во интервју за „Република“ тврди дека Зоран Заев им работел зад грбот на своите сопартијци пред локалните избори во 2013 година. Јакимовски, кој повеќе од една година јавно побара од Заев да го објави нивниот разговор од 16 февруари 2013 година, веднаш по неговата кандидатура за градоначалник за Карпош, спротивно на одлуката на тогашното раководство на СДСМ, конечно откри за што зборувале овие тогашни сопартијци:

-Беше воодушевен од мојата постапка, дека се гордее со мене што сум негов партиски колега, се гордее на мојата храброст и дека не може да го разбере тоа лудило што постои во Социјалдемократскиот сојуз и нивните одлуки. Сега парафразирам, други детали нема да откријам, тоа е јасно. Инаку, мора да знае Социјалдемократскиот сојуз дека јас до 18:45 часот на 16 февруари 2013 година бев максимално лојален и Зоран Заев и Зоран Дамјановски веќе имаа подготвено алтернативни градоначалници, кандидати и алтернативни листи кои требаше да излезат на изборите зад кои, наводно, тајно или полутајно ќе застанат членовите на Социјалдемократскиот сојуз. Таков однос кај мене немаше тогаш кога одлучив да одам и одлучив да излезам да се кандидирам без претходно да ѝ работам зад грб на сопствената партија, тие ѝ работеа зад грб на сопствената партија и сите тие се согласуваа со мојот потег, но, очигледно, храброста што ја имав јас, тие ја немаат. Јас морам да кажам дека никогаш не сум бил дел од проблемите. Јас не сум ги создавал проблемите, туку, напротив, сум бил дел од решенијата, открива Јакимовски.

zaev crvenkovski izbori 2013

Токму поради кукавичлукот на Заев што го покажал во тоа време, Јакимовски се чуди на сегашната негова храброст да го прави ова што го прави со странските служби.

-И во 2013 година јас бев дел од решенијата, а тоа значи да се излезе на избори и кога Заев тогаш немаше таква храброст каква што имав јас се чудам како има храброст денес да го прави ова што го прави со странските служби, со „чадорот“, со објавувањето на прислушуваните материјали, со тезите за сопствениот народ, со давање за право на сите што не се сложуваат со Македонците, а не се сложуваат по најбитните прашања. Со едните сме во конфликт затоа што не ни го признаваат идентитетот, другите не ни го признаваат јазикот, третите не ни ја признаваат црквата. Јас не можам да разберам како тоа другите биле криви, а ние сме биле во право. За да бидат другите во право, како ќе направиме, ќе кажеме не, црквата не е македонска православна црква, туку ќе бидеме под јурисдикција на српските владики, Вранишковски ќе биде македонски владика? Ќе кажеме дека јазикот не е македонски, туку е некој друг или, пак, ќе кажеме дека не сме Македонци, односно ќе ни кажат тие како е вистинското име на нас Македонците за да, нели, бидат комшиите во право, односно да бидеме ние во криво, ако бидеме еве барем да ги задоволиме потребите на комшиите. Обврската на првиот ешалон на политичари е да внимаваат што зборуваат особено кога во етерот зборуваат работи што се однесуваат и имаат влијание врз соседните земји. Јас сум длабоко убеден дека Зоран Заев подготвува терен за после изборите, се обидува да им се додвори на комшиските влади имајќи предвид дека по тешкиот пораз што ќе го доживее на 11 декември, му следува судски процес, претпоставувам дека сака да ја добие нивната благонаклоност и евентуално можен притисок за тоа каква ќе биде разрешницата со неговите судски процеси овде во Македонија, вели градоначалникот на Карпош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top