Компанијата „Булгариан ер“ е заинтересирана за воведување редовен авионски превоз Скопје – Софија. Како што беше речено на работната средба во Македонско-бугарската стопанска комора, се подготвуваат анализи за исплатливоста на летовите.
– Многу сме заинтересирани за влегување на македонскиот пазар со воведување авиолинии што ќе овозможат директно поврзување на Македонија преку aеродромот во Софија, со европските и со светските метрополи, вклучувајќи го Апенинскиот Полуостров (Шпанија и Португалија). Моментно подготвуваме анализа за исплатливоста од воведување на овие линии – рече Марија Стојанова, комерцијален директор на бугарската авиокомпанија.
На разговорите во Комората учествуваа и претставници на македонското Министерството за транспорт и врски, воздухопловните власти и компанијата ТАВ.
Неколку водечки туристички агенции од Скопје и од Охрид искажаа интерес за воведување чартер-летови кон црноморското крајбрежје, со стимулативна политика за поттикнување и проширување на туристичката размена.
Македонско-бугарската комора наскоро ќе иницира заеднички проекти, финасирани од фондовите на ЕУ, за развој на пограничниот селски и екотуризам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



