| четврток, 6 декември 2018 |

Прогласени најдобрите ресторани, гостилници и кафулиња во Скопје

najdobri-ugostitelski-objekti-2016-640x425

Град Скопје традиционално, во соработка со агенцијата СВОТ – Скопје, го реализираше проектот за избор на најдобар угостителски објект меѓу најдобрите, а годинава за првпат се избираа и трите најдобри кафе-барови на подрачјето на град Скопје.

Проектот „Најдобар угостителски објект“ меѓу најдобрите се спроведува по деветти пат, а плакетите на најдобрите, денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Чест и задоволство ми е да ве поздравам сите и да ви пожелам добредојде на деветтиот избор на најдобар угостителски објект, манифестација која традиционално се организира во Град Скопје, како и избор на најдобро кафуле кои работат на подрачјето на град Скопје, кој  пак за прв пат годинава се организира од Град Скопје, Секторот за локален економски развој, во соработка со Агенцијата СВОТ рисрч, специјализирана агенција со експертско знаење и искуство во анализа на квалитетот на услугата. Овие проекти произлегуваат од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на град Скопје за 2016 година, а целта од нивната реализација е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти на територијата на градот.

– Тајните купувачи, ангажирани од СВОТ рисрч ги завршија трите обиколки на 100 угостителски објекти, како и 70 кафе-барови, кои по случаен избор влегоа во трката за најдобар угостителски објект меѓу најдобрите за 2016 година и избор на најдобро кафуле, по што следуваше сумирање на резултатите, од кои ќе произлезат заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина. СВОТ рисрч преку својата мрежа на тајни купувачи ги оцени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафе-барови, според примарните критериуми: прв контакт, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храна (само за ресторани и гостилници) и завршен контакт, врз основа на кои тајните купувачи по направената евалуација изготвија извештаи кои се изработени по одредените критериуми. Ме радува фактот дека оваа година има пораст на резултатите и кај рестораните и кај гостилниците, особено што кај рестораните е забележан највисок резултат во споредба со претходните осум години. Според оценките најдобрите три ресторани, три гостилници и три кафе-барови ќе добијат признанија за својот квалитет и престиж – истакна градоначалникот Трајановски.

Годинава за најдобри три ресторани се избрани: 1. „Фиш“, 2. „Lyra“ (Лајра), 3.„Рагуза“, најдобри три гостилници се: 1. „Дукат“, 2. „Срна“ и на третото место се пласираше „Канцона“, а најдобри во категоријата кафе-барови се: 1.„Скај бар Русија“, 2. „АБЦ кафе бар“ и 3. „Баду бар“.

Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ – Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето што се спроведе во периодот од 1 до 30 септември за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците, биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Биле спреведени вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а  во кафулињата имало 210 посети, односно секој објект бил посетен 3 пати.

 

Проектот за избор на најдобар угостителски објект меѓу најдобрите произлегува од Програмата за финансирање проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и на трговијата на Град Скопје за 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top