Концертот „Битлси со Џез-оркестарот на ЗЏМ“, кој вклучува изведби на композиции од познатите „Битлси“, ќе се одржи во Македонската опера и балет на 26 ноември со почеток во 20 часот.
Песните на „Битлси“ овојпат ќе бидат преработени со џез-аранжмани на Алан Бејлок, Мајк Кроти и Мајк Холобер, кои на музиката на најпопуларниот попрок-бенд од 60-тите и 70-тите години ѝ даваат еден поинаков и покомплексен призвук. На програмата ќе бидат изведени познатите теми како „Can’t buy me love“, „Get Back“, „Hard Day’s Night“, „Hey Jude“, „Lady Madonna“ и многу други.
„ЗЏМ Џез оркестарот“, кој постои од формирањето на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, е составен од 17 македонски џез-музичари, кои повеќе години музицираат во земјава и надвор од неа, членувајќи во различни музички состави. Ова ќе биде нивно прво претставување пред македонската публика во ваков состав, a за оваа прилика специјално е повикан австрискиот диригент Сиги Феигл, кој предава на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац и веќе долги години работи со Биг Бенд состави ширум Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.