МЕПСО и ОСТ, електропреносните систем-оператори на Република Македонија и на Република Албанија, ги утврдија и координираа идните подготвителни активности за финансирање и за изградба на новиот 400 kVинтерконективен далновод што ќе ги поврзува двете земји. Наскоро ќе биде потпишан технички меморандум, а ќе има и размена на дисчерски кадар од диспечерските центри на двете компании, заклучија генералните директори на МЕПСО и на ОСТ Синиша Спасов и Арбен Иброја, на средбата што се одржа во Тирана, во седиштето на ОСТ, денеска. Проектот, според физибилити студиите, вреди над 68 милиони евра, македонскиот дел од инвестицијата е проценет на 43,5 милиони евра и вклучува 96 километри далновод и нова 400/110 kV трансформаторска станица кај Охрид
На работниот состанок менаџерските тимови ги разгледаа студиите за економска оправданост и за влијанија врз животната средина и ги утврдија идните активности за изградба на новиот далновод во кој, според студијата, ќе бидат инвестирани повеќе од 68 милиони евра. Македонскиот дел од инвестицијата е проценет на 43,5 милиони евра и вклучува изградба на 95 километри далновод од Битола до македонско-албанската граница и изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во близината на Охрид во месноста „Ливоишта“. Македонскиот дел од инвестиција е планирано да се финансира со кредитна поддршка од меѓународни финансиски институции.
– Овој проект е од големо значење за стабилноста и доверливоста на нашиот национален електроенергетски систем, а воедно значително ќе го зголеми капацитетот на нашата преносна мрежа. Ова ќе биде прво електроенергетско поврзување на македонскиот со албанскиот електроенергетски систем. На национално системско ниво големо е значењето и на новата 400/110 kV трансформаторска станица во регионот на Охрид затоа што ќе ги задоволи сите проекции за раст на конзумот на електрична енергија во тој регион на долг рок, а ќе ја подобри и доверливоста и стабилноста, истакна Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО.
На состанокот од македонска страна учестуваа и Михаил Пановски, директор на подружницата Оператор на преносна мрежа при МЕПСО и н.е. Веле Трпевски, македонскиот амбасадор во Република Албанија. Од страна ОСТ уште учествуваа Јил Демиреј, координатор на овој проект, Илда Незири Нуши, директор на правниот сектор и Суфије Џепа, директор за финансии и инвестиции.
Физибилити студијата опфаќа системски, технички, еколошки, финансиски и економски анализи за исплатливоста на овој проект, а интегрира и студии за влијанијата на проектот врз животната средина на македонскиот дел и на албанскиот дел од интерконекцијата. Нарачатели на студиите се МЕПСО и ОСТ, процесот е започнат со меморандумот за разбирање што двете компании го склучија во април 2011 година, а студиите се финансирани со грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и германската банка KfWпреку „Инвестициската рамка за Западен Балкан“ (IFWB). Изработувач на студиите е реномираната данска консултантска куќа COWI. Студијата предвидува далноводот да биде ставен во функција до крајот на 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.