Фрапантна сличност на предизборните понуди во делот на албанското прашање на платформите на владејачката ДУИ и опозицискиот СДСМ, е впечатокот откако опозицискиот лидер Зоран Заев ја обелодени изборната понуда пред албанската дијаспора во Берн, Швајцарија, пишува „Дневник“.
И Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, излегоа со идентични платформи дека албанскиот јазик треба да биде втор официјален во цела Македонија. И додека еднаквата употреба на албанскиот со македонскиот јазик е дел од платформите на сите партии на Албанците што ќе учествуваат на изборите на 11 декември, запрепастува идентичноста на понудата на Заев со таа на Ахмети дека е неприфатливо ништо помалку од целосна еднаквост на Албанците.
Од ДУИ не ја исклучуваат можноста дека идентичната платформа на најголемата македонска опозициска партија со нивната, всушност, е однапред пресметана калкулација на Заев, тој и Ахмети да ја прават новата влада, без оглед на изборниот резултат, пишува весникот.
Од СДСМ вчера Дневник не добиле одговор на што се должи еднаквата изборна понуда на ДУИ и социјалдемократите во делот на албанското прашање.
Од ДУИ повторија дека го поздравуваат секое обраќање до Албанците од македонска партија.
– Но ваквите позиции на Заев се само изборна комбинација колкав процент гласови ќе му требаат за да биде пред ВМРО-ДПМНЕ и нив да ги надомести со албанските гласови. Тоа што го нуди Заев не е платформа. Поради изборната математика, Заев позајмува делови од програмите на партиите на Албанците. Тоа што го нуди Заев е форма без содржина – вели за „Дневник“ висок функционер на ДУИ.
Од партијата на Ахмети не исклучуваат дека Заев со понудата за целосна еднаквост на Албанците му се нуди на Ахмети за владин партнер во новата извршна власт.
– Ахмети јавно порача дека на овие избори не прифаќаме ништо помалку од целосна еднаквост. Ова значи дека ако ДУИ победи на изборите на 11 декември при договорот за нова влада нема да отстапиме од петте заклетви или столбови на нашата платформа. Тие ќе бидат условите или пин-кодот за влез во новата влада. ДУИ и по овие избори ќе биде клучот за идната влада во која владин партнер ќе биде македонската партија што ќе го дешифрира кодот – вели функционерот на ДУИ.
Тој за Дневник објаснува дека на претстојните избори нема да се придржуваат до воспоставениот принцип победниците од македонскиот и од албанскиот блок да прават влада.
– ДУИ ќе биде дел од владата со македонската партија за која е прифатлива нашата платформа. Заев свесно игра на таа карта. Заев сам се нуди да го дешифрира кодот -вели висок функционер од партијата на Ахмети.
Петте услови на Ахмети за ДУИ да биде дел од новата влада се економска рамноправност на Албанците, албанскиот да биде втор официјален јазик во цела Македонија, консензуално одлучување во Собранието, Владата, при избор на претседател на државата, при одлуките за надворешни, внатрешни и регионални политики, и за сите битни прашања во општеството, владеење на правото, односно СЈО да има мандат до влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, како и целосна имплементација на препораките од извештајот на Прибе и веднаш влез во НАТО.
Заев во минатиот викенд, пред албанската дијаспора во Швајцарија отворено порача дека тој е истиот Зоран Заев, кој ја отворил јавно употребата на јазиците во Македонија и еднаквоста и рамноправноста во државата. Ахмети иако не признава, факт е дека со изборната платформа го надградува и проширува Рамковниот договор. Интересно е дека Заев оди чекор понатаму, односно според првиот социјалдемократ. Рамковниот повеќе и не ни е потребен.
– Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор, оти тој е некоја рамка. Зошто во 21 век, 25 години независна Македонија да има рамки на ограничување. Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин-Албанец – вели Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.