Флорентино Перез лукаво причека најголемиот конкурент да ги заклучи спонзорските договори и цифрите да се појават во јавноста па дури сега има намера да тргне во акција.
Притисната од финансиските проблеми Барселона мораше да побрза со новите договори со цел да осигура пари за зголемување на платите на своите најголеми ѕвезди Нејмар, Луис Суарез, Андрес Иниеста и особено на Лионел Меси. Откако што беше заклучен договорот со новиот генерален спонзор, јапонски „Ракутен“, Жозеп Мариа Бартомеу сосема невообичаено изјави дека навивачите можат да бидат мирни бидејќи сега се осигурани средства за нов договор со Меси.
Конфликт помеѓу Барселона и „шеиците“
Кога тоа ќе го ставите во контекст на последните случувања, односно информациите кои ги пласираа мадридските медиуми дека Меси летоска го одбил продолжувањето на договорот, како и фактот дека од Аргентина се вратил во Барселона со приватниот авион на ПСЖ.
Помеѓу редови може да се прочитаат многу работи. Се наѕирува лесна нервоза, да не кажеме паника на „Камо Ноу“, бидејќи зошто инаку претседателот би излегувал со такви експлицитни и сосема невообичаени изјави по поптишувањето на спонзорските договори, каде отворено се истакнува дека тоа се пари за еден конкретен играч. Кога последен пат сте слушнале таква изјава?
Во Мадрид новиот договор на Барселона со „Ракутен“ го дочекаа со лесен потсмев. Вистина, станува збор за огромно зголемување во однос на договорот со „Катар Ервејз“ кој истекува следната сезона, но Барселона сепак не го доби тоа што го бараше.
Всушност, дури и загуби бидејќи Катарците по финалето во Лигата на шампионите во Берлин понудија 60 милиони евра по сезона, што е пет милиони повеќе од она што го добија од Јапонците. Но, челниците ги одбија Катарците барајќи околу 70 милиони. Логиката била следна: Ако Манчестер Јунајтед од „Шевролет“ добива 71 милион, Барселона како првак на Европа и најатрактивна екипа со најдобриот играч на светот мора да има барем еднаков договор.
Реал над сите
Каталонците малку „утнаа“ во математиката. Катарците ладно им испратија порака дека тогаш ќе мораат да си најдат друг спонзор кој ќе понуди толку. Бараа речиси две години и не го најдоа. Во меѓувреме челниците на Барселона се вратија кај „Катар Ервејз“, но навредените „шеици“ не сакаа да ги примат во својата катарска резиденција. За тоа своевремено пишуваа мадридските медиуми и отворено се насладуваа.
Барселона на крајот зема што можеше да добие, пронајде партнер на Далечниот Исток, кој исто така има некои свои барања. Јапонците наводно го условиле договорот со останување на Меси во клубот додека нивниот договор не истече. Дека тоа би можело да биде така, покажува датумот на истекот, а тоа е летото 2021. година, што се поклопува со должината на траењето на новиот договор на Меси. Ако го потпише, а се чини дека ќе дојде до тоа.
И сега на сцена стапува Перез. Знаејќи за колку Барса потпиша нови спонзорски договори со „Најки“ и „Ракутен“, а се работи наводно за 155 милиони и 55 милиони евра по година, Перез од своите партнери бара значително поголеми суми. Логиката е следна: Реал е актуелен шампион на Европа и што е најважно – најголем клуб на светот. Најважните трофеи и славното минато говорат сами за себе, но и ростерот на актуелната екипа со најсјајните експонати, Кристијано Роналдо и Герет Бејл, кои неодамна ја продолжија верноста со „кралскиот клуб“. Перез на тој начин осигура дополнителни адути во преговорите со потенцијалните партнери.
Перез договара рекордни спонзорски договори
Мадридските медиуми шпекулираат дека Перез од „Адидас“ бара дури 200 милиони, а од спонзорите на дресовите стотина милиони евра годишно. Двете суми се рекордни и многу поголеми од договорите на Барселона. Ќе успее ли Перез да го добие тоа што го бара или сепак тоа ќе бидат многу пониски суми, останува да се види, но ако успее да добие поголеми договори од оние на Барселона, на Каталонците нема да им биде сеедно. Со тоа уште еднаш ќе се покаже дека Реал е сепак нешто посебно. Комплексите би можеле дополнително да проработат ако се случи она за што започна да се шпекулира во мадридските медиуми.
Дознавајќи дека „Катар Ервејз“ ги одбил Каталонците, Перез наводно веднаш ги контактирал Катарците и им понудил партнерство. Играта одела вака: ќе причекаме Барса да потпише договор па потоа ќе се договирме ние. Катарците наводно се подготвени да го истиснат „Флај Емирејтс“ и да му плати на Реал рекордна сума. Дали тоа е 100 милиони или помалку, се уште не е јасно, но приказната оди во таа насока. Арапските „шеици“ се посебен вид на луѓе, имаат долго памтење, предлабок џеб и некои работи можат да си ги дозволат само од „мерак“, колку чини нека чини.
Ако се баш заинатени и сакаат да и напакостат на Барселона, има ли подобар начин од бизнис со нејзините најголеми ривали? Каталонците во тој случај би можеле да „пукнат“ од мака. Мадриѓаните ќе ги тероризираат во медиумите. Постои ли нешто послатко од тоа за „Кралевите“ и нивните навивачи?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.