Со женска поезија и концерт на „Летечки пекинезери“ вчеравечер во Јавна соба и официјално беше затворено второто издание на меѓународниот Фестивал на европската литература „Букстар“ кој започна на 24 октомври 2016 година и траеше до 11 ноември.
Во изминатите 19 дена секојдневно на понудата на фестивалот имаше книжевни и други културни настани, вкупно 25. Скопје и скопјани имаа можност да присуствуваат на осум книжевни промоции, четири директни средби со писатели, седум концерти, две филмски проекции, една трибина, креативна работилница, читање приказни со Лабина Митевска и саем на книгата во просториите на издавачката куќа „Антолог“.
– Нашиот град првпат имаше можност да има еден олку богат и оригинален книжевен фестивал, кој се надевам со заеднички усилби и желби ќе стане традиција на која сите во Македонија ќе се гордееме. Им благодарам на сите што учествуваа на овој фестивал и направија еден сон да стане ѕвездена реалност, рече Жарко Кујунџиски, директор на фестивалот „Букстар“.
На фестивалско финале беше промовирана антологијата „Што си ти?“, а уметничката вечер беше исполнета со поезија, оригинални џез-звуци, танцување. Со поетско читање на избраните песни и на дел од своето творештво настапија и автори приредувачи: Владимир Мартиновски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Долорес Атанасова-Лори, Дарко Ангеловски, Анастасија Ѓурчинова, Снежана Стојчевска, Мерсиха Исмајлоска, Александар Прокопиев, Тихомир Јанчовски и Ѓоко Здравески.
Завршницата на фестивалот беше заокружена со музички перформанс на свинг-џез составот „Летечки пекинезери“.
За време на трите фестивалски недели, на „Букстар“ гостуваа и ги претставија своите книги четири значајни европски авторки. Главната програма беше отворена со писателката Маренте де Мор од Холандија и промоцијата на нејзиниот роман „Холандска девица“, добитник на Европската награда за литература во 2014 година. Потоа гостуваше турско-германската писателка Есмахан Ајкол со бестселерот „Убиство во хотел Босфор“, која е прв добитник на наградата „Букстар“ за најчитана книга. Беа промовирани и две романизирани биографии „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од Агата Тушињска од Полска, а последна гостинка на фестивалот беше романската писателка Дојна Рушти, која го претстави одличниот роман „Елиза на единаесет години“.
На фестивалот беше претставена уште една поетска антологија, замислена како панорама на современи македонски поетеси, со наслов „Ова е моето последно молчење“, составена од приредувачките Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а беше промовиран и романот „На работ од времето“, прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ од младата македонска писателка Моника Трајковска. Во ОФФ програма беше вклучена промоцијата на најновата збирка на Ѓоко Здравески – „Љубавина“.
Покрај главната програма, се одржаа и два настана во рамките на детската програма – „Креативно пладне“ и „Слушаме приказни со Лабина Митевска“, а беа прикажани и две филмски проекции во соработка со Контракадар од Скопје и од Битола.
Сите фестивалски настани беа збогатени со музичка програма, во чии рамки настапуваа: „The hounds“, Марко Настиќ, „ОК бенд“, „Перија“, „Гитара пет“, Ж’ба Аутмајнд, Теа Шалдева и „Летечки пекинезери“ на синоќешното затворање.
Фестивалот „BookStar“ беше поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.