| четврток, 6 декември 2018 |

Последната турнеја на Обама: Грција прва на мапата, но таму е непожелен за терористичка организација

Откажан говор, закани од терористи , безбедносни мерки построги дури и од оние за Олимпијадата во 2004, над 5000 ангажирани полицајци – Грција се подготвува за посетата на Обама закажана за вторник и среда

Претседателот на САД Барак Обама следната седмица ќе замине во последната турнеја во странство пред да ја напушти функцијата во јануари, соопшти Белата куќа.

Турнејата е замислена како збогување на Обама со други лидери и можност за зголемување на поддршката за Парискиот договор за климата, договорот за иранската нуклеарна програма и трговските договори.

В понеделник Обама ќе замине на шестдневната турнеја, која ќе ги вклучи Грција, Германија и Перу.

Во Атина, претседателот на САД ќе го разгледа Партенон, ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас и ќе одржи говор за глобализацијата.

Потоа во Берлин Обама ќе има средби со германскиот канцелар Ангела Меркел и со лидерите на Франција, Велика Британија, Италија и Шпанија.

Во Перу претседателот на САД ќе учествува во економски форум, за време на кој ќе се сретне со кинескиот колега Кси Џинпинг.

Иако Грција е прва во неговата агенда, тој е непожелен кај нашиот јужен сосед.

Откажан е планираниот говор на американскиот претседател на едно од брдата со историско значење во близина на Акрополот во центарот на Атина. Неофицијално последните случувања во Грција со нападот врз француската амбасада е главната причина најавеното обраќање на американскиот претседател наместо на отворено со Акропол во позадина, да се одржи на затворено.

А кусо откако грчките медиуми објавија дека наместо на отворено, Обама ќе говори во затворен простор, стравувањата за безбедноста на американскиот претседател во Атина, ги подгреа текстот објавен од терористичката организација Заговор на огнените јадра. Директно им се заканија како на американскиот претседател, така и на грчката влада и повикаа на саботажа на посетата.

„Левичарската влада која до вчера протестираше под мотото „Американците убијци на народите“, сега го пречекува со почести. Фиестата на власта ќе ја претвори Атина во град под воена окупација, со илјадници цајкани на улиците да го стават на сила режимот. Анархистите, како единствен внатрешен непријател на власта, можеме да им ја расипеме прославата“ – пишуваат меѓу другото од познатата терористичка организација која стои зад низа напади во Грција и велат дека саботажата на посетата на Обама може да биде само почеток.

Според грчките медиуми, безбедносните мерки за американскиот претседател ќе бидат построги не само од оние за време на посетата на Путин во мај, туку построги и од оние за Олимписките игри во 2004та. Над 5000 полицајци, 500 членови на ЦИА ќе бидат ангажирани за безбедноста на Обама. Американски  разузнавачи веќе биле во Атина да го проверат теренот, односно деловите во кои што ќе се движи Обама. Официјална програма не се објавува, никој не знае кога точно ќе пристигне во Атина и кога ќе си замина,во кој хотел ќе биде сместен, а  единствено е познато дека ќе оствари средби со грчкиот претседател и грчкиот премиер. Дури и за грчките новинари и странските дописници потребни се специјални акредитации за да ја следат посетата на Обама.

По цели 17 години, американски претседател доаѓа во посета на Грција. Последен беше Бил Клинтон во 1999.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top