Повеќемина британски пратеници од редовите на Либералните демократи, од Лабуристичката партија, како и од северноирската католичка Социјалдемократска и лабуриситчка партија (СДЛП), денеска соопштија дека најверојатно ќе гласаат во Парламентот против покренувањето на процесот за Брегзит.
Лидерот на Либералните демократи, Тим Фарон за Радио Би-Би-Си изјави дека партијата ќе се спротивстави на таквите потези на своите пратеници, само доколку Владата прифати да организира референдум на кој гласачите би требало да го прифатат, или да го отфрлат предлог- договорот што Владата и ќе го постигне со ЕУ околу истапувањето на земјата од Унијата.
Лабуристите официјално, засега, се против бојкот на почетокот на процесот на истапување на Велика Британија од ЕУ, но неколку истакнати пратеници од оваа партијата најавија дека ќе гласаат против отпочнување на постапката, без разлика како ќе се определи партиското водство.
Меѓу нив се Овен Смит, кој на септемвриските партиски избори беше противкандидат на лидерот Џереми Корбин, како и поранешниот лабуристички министер Дејвид Лами. Тие бараат Владата да прифати амандаман на својата одлука за почеток на истапувањето од ЕУ.
Најавите на пратеници дека ќе гласаат против покренување на членот 50 од Лисабонската спогодба за старт на Брегзитот, доаѓа по одлуката на Вишиот суд од Лондон дека Владата сама без подршка и согласност на Парламентот, не може да покрене постапка за излез на земјата од ЕУ.
Владата на премиерот Тереза Меј поднесе жалба до Врховниот суд, а денеска ги осуди најавите на опозицијата за бојкот на почетокот на Брегзитот.
Во владиното соопштение се вели дека блокадите покажуваат оти опозицијата не сака да ја прифати волјата на гласачите и резултатот од референдумот.
Со помош на конзервативните пратеници и со поддршка на „лојалните“ лабуристи или со евентуална нивна апстиненција, Владата може да го протурла својот пропис за Брегзит во Долниот дом на Парламентот.
На пратениците „бунтовници“ може да им се приклучат и сите 65 претставници од Шкотската национална партија (СНП). Нивниот лидер Никола Старџен изјави дека тие нема да гласаат за ништо што ја „поткопува волјата на Шкотланѓаните“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.