| четврток, 6 декември 2018 |

Во Кинотека почнува циклусот Мимица и Бауер

Со проекција на играниот филм „Македонски дел од пеколот“ вечер во Кинотеката на Македонија почнува филмскиот циклус Мимица и Бауер.

По тој повод гости ќе бидат директорот на Хрватската кинотека Кармен Лотка, како и филмолозите Младен Буриќ и Луција Зоре.

Циклусот е инициран од реставрацијата на македонските филмови „Македонски дел од пеколот“ (1971) и „Три Ани“ (1959) од реномираните хрватски режисери Ватрослав Мимица и Бранко Бауер кои имаат третман на филмско наследство во двете земји.

Во „Македонски дел од пеколот“ на Мимица кој воедно е и сценарист покрај Славко Јаневски и Панде Ташовски, улогите ги толкуваат Дарко Дамески, Павле Вуисиќ, Фабијан Шоваговиќ, Милена Дравиќ и Неда Спасојевиќ, додека во „Три Ани“ што го потпишува Бауер, кој е и сценарист покрај Слободан Глумац и Арсен Диклиќ, се појавуваат Душан Стефановиќ, Светлана Мишковиќ, Марија Кон, Дубравка Гал и Бранко Татиќ. „Три Ани“ ќе биде прикажан на 21 мај, за завршување на циклусот.

Посетителите на Кинотеката во следните шест дена, освен овие два ќе можат да ги видат и филмовите „Хранетиот“, „Каја, ќе те убијам“ и „Прометеј од островот Вишевица“ на Мимица, како и „Лице в лице“ и „Не свртувај се, сине“ на Бауер.

Филмскиот циклус Мимица и Бауер ќе биде прикажан со еден ден задоцнување и во Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top