| четврток, 6 декември 2018 |

Советник на Трамп предложи Ѓулен да ѝ биде предаден на Турција

Мајкл Флин, американскиот генерал од резервниот состав и советник на Доналд Трамп, смета дека односите со Турција треба да бидат врховен приоритет на американската надворешна политика.

Флин во статија за весникот „Хил“ тврди дека треба да почне да станува јасно дека улогата на Турција е од суштинско значење за американските интереси и оти таа е извор на стабилноста во регионот.

Генералот упати критика до администрацијата на Обама, нагласувајќи дека не е мудро тоа што администрацијата се држела на дистанца од Анкара.

– Треба да ја адаптираме надворешната политика и да признаеме дека Турција е приоритет. Треба да го видиме светот од аголот на Турција – напиша генералот во својата статија.

Во статијата Флин го поддржува и барањето на Анкара САД да и го предадат на Турција исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за воен пуч во јули.

Флин го спореди исламскиот проповедник со лидерот на иранската револуција, ајатолахот Хомеини. Тој ја повика американската администрација да не ја повтори истата грешка да го поддржи Ѓулен, како што направи со Хомеини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top