Докторите задоволни од најавите за обнова и реконструкција на болниците, од што најголем бенефит ќе имаат пациентите, граѓаните на Република Македонија.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вчера најави значителен инвестициски циклус во македонското здравство.
Професор доктор Ѕвонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести говори за значењето на новата инвестиција со која клиниката ќе се реновира.
-Секако дека ќе има големи ефекти врз условите, примарно кои се обезбедуваат за нашите пациенти, знаете дека инфективната патологија она што го наложува како исклучиво еднокреветни и двокреветни простории, во кои што пациентите треба да имаат висок степен на изолација и во нормално стандардно постапување, а камо ли во ситуациите во кои што потребите за просторно дистанцирање помеѓу пациентите се уште поригорозни, односно уште по строги. Секако дека реконструкцијата ќе пружи соодветни подобрени услови, ние имаме дел на кои што се однесува на превенција на интрахоспитални инфекции, а сознанијата поврзани со истите датираат од понова дата, што значи дека тоа се некои архитектонски зафати кои што ќе бидат составен дел на ваквата реконструкција. Секако тоа сето ќе биде поврзано и со нашата модерна и современа компресорска станица, во која што имаме до секој пациент достапност на кислород. Иницијалните пет до десет посто на капацитетите кои што досега беа присутни се обидуваме да ги прошириме на околу 15 или 30 проценти од капацитетите на институцијата, така да во една таква институција секако дека институцијата која што би ги опфатила сите овие сегменти би била од посебно значење како и за пациентите така и за сериозноста на пристапот кон овој специфичен пристап на патологија за која што станува збор, вели директорот.
Директорот на Клиничката болница- Битола Василие Најдовски, говори за новата инвестиција наменета за оваа болница. Инвестицијата е вредна 580 милони денари, со цел да се подобрат условите за престој на пациентите и воедно и на вработените.
-Новата инвестиција значи, продолжува реконструкцијата, после завршувањето на првата фаза, во која се опфатени менување на кровна реконструкција, надворешна доградба и енергетска фасада. Втората фаза предвидува внатрешна реконструкција, која подразбира промена на сите дотраени одводи- доводи, како на мокри чворови, енергетика, парно греење, лифтови. Во таа втора фаза опфатена е и зградата од инфективно, така да за една година се надевам на комплетно нова болница. Во неа ќе бидат освен заштедата од енергетската ефикасност заради фасадата, драстично подобрени условите за престој на пациентите и на вработените во клиничка болница Битола. Вредноста на оваа инвестиција изнесува 580 милиони денари, изјави д-р Василие Најдовски, директор на Клиничката болница во Битола.
Груевски вчера говореше за значајни нови инфраструктурни проекти кои ќе бидат реализирани во претстојниот период.
-Ќе се изврши комплетна реконструкција на Градската општа болница „8-ми Септември“ која е еден од столбовите на болничката здравствена заштита во Скопје и поширокиот регион. Се работи за објект кој е финално изграден во 1971-ва година. Реконструкцијата ќе опфати комплетно реновирање на фасадата и замена на сите прозорци во установата, реновирање на операционите сали и одделот за интензивна нега, реновирање на амбулантите, како и изградба на дополнителни амбуланти согласно потребите и динамиката на амбулантски прегледи кои секојдневно се реализираат во оваа јавна здравствена установа. Инвестицијата за оваа болница е во износ од 260.000.000 денари. Во однос на бенефитот од овој проект, сакам да потенцирам дека во континуитет се зголемува бројот на услуги што ги обезбедува ГОБ „8-ми Септември“. Во изминатите неколку години за над 200 проценти е зголемен бројот на амбулантски прегледи. Оваа година се реализирани над 200.000 амбулантски прегледи, споредено со 2009 година кога биле прегледани 65.000 амбулански пациенти. Исто така, процентот на хоспитализирани пациенти бележи пораст од над 100 проценти, така на пример, во 2009 година имало околу 6.500 хоспитализации, а годинава тој број е над 14.000 хоспитализации. Рокот за реализација на вој проект е 2018 – 2020 година. Започнаа градежните работи за оформување бункер за акцелератор во рамки на Градската општа болница „8 Септември“, со што ќе овозможиме поголема достапност на радиотерапијата за лицата со малигни заболувања. Само оваа инвестиција е во вредност од 50.000.000 денари. Покрај тоа, продолжуваме да вложуваме во најсовремена инфраструктура за терциерното ниво на здравствена заштита – универзитетските клиники каде се третираат најкомплексните и најсложените здравствени состојби, вели Груевски.
Тој најави и друг многу важен градежен зафат, а тоа е проширување и унапредување на условите за третман на пациентите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, со што ќе се придонесе кон значително унапредување на условите за третман и лекување на пациентите со малигни заболувања, а со тоа и подигнување на квалитетот на здравствените услуги во областа на радиотерапија и онкологија.
-Тоа значи воведување на нови содржини за лекување и третман на лицата со малигни заболувања, од што корист ќе има и медицинскиот кадар, и пред сè пациентите. Оваа инвестиција ќе изнесува 20 милиони денари. Ова е инвестиција што ќе овозможи корист за една поголема категорија пациенти, имајќи предвид дека на годишно ниво минатата година на оваа Клиника се реализирани 77.000 здравствени услуги вклучувајќи хистопатолошки услуги, лабораториски, биохемиски услуги, болнички третмани итн. Воедно со оваа инвестиција ќе се зголеми болничкиот капацитет на Клиниката за над 60 места, рече Груевски.
Се планира и комплетно реновирање на објектот на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
-Ќе биде даден посебен фокус на поставување на автоматски систем за повик на пациент во амбулантите, поставување систем за компримиран воздух и вакум до секоја соба за пациенти, како и реновирање на стационарот и амбулантите. Нашата намера е постојано унапредување на условите за лекување на пациентите со инфективни заболувања, и за таа цел ќе инвестираме 200 милиони денари само за градежните работи на оваа Клиника. Ова е една од клиниките со прилично голема фреквенција на пациенти, во која според податоците во 2015 година се прегледани над 21.400 пациенти, а вкупно 2.900 пациенти се хоспитализирани. Тоа значи дека инфраструктурните зафати ќе овозможат корист за огромен број пациенти. Нашите инвестиции не застануваат тука и не застануваат само кај главниот град, туку продолжуваме да инвестираме во секој град во државата, со цел континуирано унапредување на достапноста на здравствените услуги до секој еден граѓанин, без оглед дали живее во урбана или рурална средина, рече тој.
Груевски најави дека ќе биде извршено комплетно внатрешно реновирање на објектот на Клиничка болница Битола, инвестиција вредна над 10 милиони евра.
-Ова е болница кон која гравитираат жители од поширокиот регион на Југозападна Македонија и оттука е многу важно да инвестираме во унапредување на условите за третман и лекување на пациентите. Во оваа болница во 2015-та година на годишно ниво се реализирани 315.000 амбулантски прегледи, а болнички се третирани над 15.000 пациенти. Ова само објаснува дека конкретна корист ќе имаат голем број на граѓани од реконструкцијата која ќе ја превземеме. Реновирањето на битолската болница ќе опфати: во првата фаза – реновирање на стационарот и амбулантите, а во втората фаза реновирање на операционите сали и инфективното одделение. Ова е прва внатрешна комплетна реконструкција на болницата, која датира од 70-тите години на минатиот век. Почеток на реализација на прва фаза ќе започне во 2018 година. Ќе извршиме реконструкција на објектот на Психијатриската болница во Демир Хисар, со цел унапредување на условите во установата според сите стандарди на болнички објекти од ваков карактер. При проектирањето, особено внимание ќе се посвети на стандардите, со висок приоритет кон грижата за менталното здравје имајќи предвид дека тоа е една од клучните компоненти која директно влијае на успешноста во лекувањето, рече тој.
За оваа инвестиција се предвидени 24,6 милиони денари. Рокот на реализација е крај на 2017 година.
-Предвидуваме реализација на втората фаза од целосната реконструкција и адаптација на објектот на општа болница во Кичево, со што ќе се комплетира новиот болнички објект на површина од 7.000 квадратни метри, кој што ќе содржи пет одделенија од секундарната здравствена заштита, десет специјалистички и четири дневни болници. Само ќе напоменам дека објектот на Кичевската болница беше стар 80 години. Сега објектот се гради согласно најсовремените стандарди, со поставување нови современи лифтови, тоалет во секоја соба, простран паркинг простор и целосно партерно уредување на околината на овој објект. Реконструкцијата ќе започне наредната година, а ќе заврши најдоцна во 2019-та година за што ќе бидат инвестирани 130 милиони денари, рече тој.
Се работи на повеќе стратешки проекти во здравството што имаат капитална вредност
Пред петнаесетина дена од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички Центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Пред извесен период е објавен и тендерот за надзор на изградбата. Ова е еден од капиталните проекти во македонскиот здравствен систем, со кој ќе се поставува нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра.
-Ќе изградиме и нов современ Ургентен хируршки центар за потребите на Општата болница во Куманово, со што ќе се обединат интернистичките и хируршките ургентни амбуланти, а во објектот се планира да биде поставен и апаратот за компјутерска томографија, што значи дека пациентите на исто место ќе ја добиваат потребната дијагностика и комплетен третман. Оваа инвестиција е проценета на 48 милиони денари. Ургентниот хируршки центар ќе се простира на површина од околу 750 м2, на приземје и кат. Бенефит ќе имаат голем број пациенти од Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека кон Општата болница Куманово гравитираат над 200.000 жители од оваа општина и околината. Рокот за реализација е првиот квартал од 2018-та година. Дополнително, продолжуваме да работиме на еден од најголемите проекти во историјата на македонскиот здравствен систем е изградбата на Клиничката болница во Штип. Исто така, започнавме со реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, со што е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Инвестицијата е во вредност од 215 милиони денари. Рокот предвиден за реализација е јули наредната година, потсети Груевски.
Во тек се и градежните работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект на општа болница Струмица. Од оваа инвестиција бенефит ќе имаат над 230 илјади жители од регионот на Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и Берово.
Груевски истакна дека веќе во завршна фаза е реновирањето и адаптацијата на објектот на општата болница во Прилеп, во вредност од 70 милиони денари. Ова е прва комплетна реконструкција на болницата од 1980 година, од која бенефит ќе имаат околу 120.000 жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски