Потпретседателот на Владата на Република Македонија за економски прашања, Владимир Пешевски, денеска присуствуваше на бизнис-форумот „Панел-дискусија: транспорт и логистика“ во рамки на Петтиот состанок на 16 држави од Централна и Источна Европа со Народна Република Кина во Рига. Како што јави дописникот на МИА од летонската престолнина, порака на вицепремиерот Пешевски по неговото учество на бизнис-форумот е дека присуството на премиерот Емил Димитриев и високата владина делегација на Република Македонија на овој голем настан, долгорочно ќе даде позитивен ефект за државата.
Според Пешевски, тоа што од некои од прозападните финансиски институции се ставаат определени забелешки на соработката на Македонија со Кина, сепак, треба да се земат со резерва, со оглед на тоа што генерално, сепак, македонската држава повеќе се гради со европски инвестиции, отколку со кинески, а дека на земјата и се потребни две милијарди евра за да ги задоволи во целост сите инфраструктурни потреби.
– Ако се погледне кои се потребите на Македонија за да ги изгради своите транспортни коридори на нивото на т.н. „Тент-И“ стандард кој секоја земја што аспирира за членство во Европската унија треба да го исполни, се покажува дека средствата се навистина многу големи. Близу две милијарди евра се потребни за Македонија да ја доведе својата патна и железничка инфраструктура на нивото во 2030 година, што се очекува да важи за целата Европска унија. Тоа се значителни средства. Дел од тие средства доаѓаат и од ЕУ, но државите се принудени да најдат и други извори на финансирање. Во таа насока, користењето на оваа програма „16+1“ што ја лансираше претходниот кинески премиер и на која се градат два автопати во Македонија, тоа се патниот правец Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид – вели вицепремеирот за економски прашања, вели Пешевски.
Според него, Македонија користи европски фондови за завршување на Коридорот 10 на автопатот Демир Капија – Смоквица и европски средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за завршување на железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Тој смета дека овие се слични по обем со претходните два автопати што се градат со кинеско кредитирање.
– Во делот на транспортот и логистиката, Македонија има користено многу повеќе средства од западните држави, отколку од НР Кина. Но, доколку постои можност и тоа е во интерес на државата, да се искористат и други алтернативи, тогаш државата тоа треба да го направи, бидејќи на крајот корист ќе имаат граѓаните. Кога ќе се завршат овие два коридори, јас очекувам цела Источна Македонија да биде препородена, што драматично ќе го зголеми интересот на инвеститорите и ќе даде поттик на индустријата, земјоделието и туризмот и ќе имаме препород што ако не ги искористевме овие кинески средства и не ги направивме овие проекти, се разбира дека немаше да се случи. Слични ефекти очекувам и во Западна Македонија, додава Пешевски.
Во разговорите со претставниците на НР Кина, заменик-претседателот на македонската Влада, вели дека, со оглед на тоа што Кинезите не се држат во целост до принципите што важат на Запад, понекогаш е можно да се постигне екстра-флексибилност, што во одредени услови е многу важно за државата. Токму затоа, според него, Владата на Македонија успеала во преговорите со НР Кина, да договори над 70 проценти од разговорите што се одвиваат на овие два автопати, да ги изведуваат домашни македонски компании.
– Се разбира, за тоа треба малку да има и умешност, бидејќи и други држави кои соработуваат со Кина, сепак не успеале да го постигнат истото. Ако се знае што се се прави, може да се направи во интерес на државата и граѓаните и овие средства што ги користиме од НР Кина, мислам дека се искористени на најдобар можен начин, завршува Пешевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пешевски: Партиите мора да разговараат за доброто на оваа земја и за доброто на овој народ
-
Енергетските реформи клучни за развојот на Западен Балкан
-
Пешевски: Да продолжиме по патот на успехот и економски развој, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е вистински избор
-
Пешевски се сретна со бизнисмените од Пехчево и Берово