| четврток, 6 декември 2018 |

Тензично во хрватскиот државен врв по апсењата во Орашје

Тензиите во Хрватска растат по апсењето на десетмина поранешни припадници на паравоената формација на босанските Хрвати, Хрватски совет за одбрана (ХВО) во Орашје, кои се осомничени за воени злосторства над српски цивили.

Според медиумите во Загреб, се шпекулира дека тоа не е крај и оти Обвинителството на БиХ води истрага против уште неколку припадници на ХВО, но и на хрватската армија, меѓу кои се и некои актуелни високи претставници.

Хравстката телевизија РТЛ јави дека Обвинителството на БиХ веќе извесно време води истрага за злосторства извршени во 1995 година во околина на Мркоњиќ Град. Според наводи од истрагата, во операцијата за одмазда убиени се 180 срспки цивили, чии тела се пронајдени во масовна гробница.

Наводно, на листата на оние кои се под истрага е и тогашниот заповедник на 4. Гардиска бригада, а сегашен министер за одбрана и потпретседател на хрватската Влада, пензионираниот генерал Дамир Крстичевиќ.

Доколку тоа се потврди, тоа би било „голем политички удар“ за целиот хрватски државен врв, оценува РТЛ.

Иако, како што се наведува, претходно се зборувало за „тревога во државниот врв“ поради апсењата во Орашје, невозможно е властите во Загреб да не знаеле за обвиненијата.

Уште еден висок хрватски претставник наводно е на списокот на босанското Обвинителство, а станува збор за потпретседателот на Хрватскиот сабор, Милијан Бркиќ.

Тој во вчерашната емисија „Отворено“ на ХРТ рече дека знае оти и тој е на списокот за апсење.

Апсењата во Орашје за злосторства над српски цивили во 1992 и 1993 година предизвикаа вистинска „драма“ во хрватскиот државен врв. Претседателката Колинда Грабар Китаровиќ прва рече дека за тоа немала никаква информација.

За таа тема на целодневна седница расправаше и Владата, а не маса според „Јутарњи лист“, се прашања за тоа како дошло до обвиненијата, кој знаел дека тие се подготвуваат и колку документи против обвинети од Загреб заминале во БиХ.

Според хрватските медиуми, од БиХ во неколку наврати е сигнализирано дека хрватските обвинители може да испратат барање за преземање на истрага и прогон поради сомнежи за злосторства во Орашје, но тоа е занемарено.

Соговороник на хрватски медиуми наведува дека би требало и да се расветли прашањето што работеле хрватските тајни служби, ако е точна информацијата дека уште во 2014 година во Загреб знаеле за обвиненијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top