Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2016 година, 75.3 отсо од домаќинствата имале пристап на интернет од дома, што е за шест процентни поени повеќе во споредба со истиот период од 2015 година. Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 69.0 отсто во 2015 година на 74.7 отсто во 2016 година. Речиси сите (99.2 отсто) домаќинства со интернет-пристап имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет.
Во првото тримесечје од 2016 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 72 проценти, а 61 отсто го користеле секој ден или речиси секој ден.
Мобилниот телефон или паметниот телефонот биле најкористени средства за пристап до интернет кај 81 проценти од корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (92 проценти). 77 отсто од корисниците на интернет во овој период употребиле мобилен телефон или паметен телефон за пристап на интернет надвор од дома или од работа.
Вкупно 19.3 проценти од лицата кои кога било употребиле интернет, нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци, а мнозинството (55 отсто) од нив купиле облека или спортска опрема.
Речиси половината (49 проценти) од корисниците на интернет во последните 12 месеци немаат дадено лични информации на интернет, додека најдавани лични информации онлајн се податоците за контакт (37 отсто) и личните податоци како име, дата на раѓање, број на лична карта (33 отсто).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.