Турција не ја интересира европската „црвена линија“ кога станува збор за слободата на печатот, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим, откако претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц вчера го осуди апсењето на уредникот на опозицискиот весник „Џумхуриет“.
– Браќа, нас не не интересира вашата црвена линија. Народот е тој, кој повлекува црвена линија, а вашата линија нема вредност, рече Јилдирим во говорот пред Парламентот, обраќајќи се пред членовите на својата владејачка Партија на правдата и развојот.
Тој додаде дека Турција нема проблем со слободата на печатот.
– Тоа е она со кое не се согласуваме со нашите европски пријатели. Тие секогаш го покренуваат прашањето за слободата на печатот во нашите чекори во борбата против тероризмот, изјави турскиот премиер.
Полицијата вчера го уапси главниот уредник и повеќе колумнисти на „Џумхуриет“ поради наводната поддршка на весникот на неуспешниот обид за преврат против трускиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.