„Импресии“ е насловот на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 3 ноември во Домот на АРМ во 20 часот. Како солист ќе се претстави Мојца Злобко Вајгл од Словенија, една од најпочитуваните харфистки не само во нејзината земја и во рамките на просторите на поранешна Југославија, туку со зад себе богата интернационална кариера како исклучителен солист и како камерен музичар. Мојца Злобко Вајгл ќе ги изведе импресивните Свети и профани танци од Клод Дебиси, како и Интродукција и алегро од Морис Равел.
Диригентската палка му е доделена на маестро Борјан Цанев, а оваа вечер ќе бидат изведени и два танца од балетот „Естанција“ оп.8 од аргентинскиот композитор Алберто Гинастера, како и Кармен свитата од Родион Шчедрин.
Македонската филхармонија, со изведба на дело од Гинастера, се приклучува кон јубилејот – 100 години од раѓањето на еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција“ е едно од делата сместени на врвот од неговото творештво и често е дел од репертоарот на симфониските оркестри.
Мојца Злобко Вајгл (1967, Љубљана) е една од најпочитуваните харфистки не само во Словенија и во рамките на просторите на поранешна Југославија, туку зад себе има богата интернационална кариера како исклучителен солист и како камерен музичар. Предава на Академијата за музика во Љубљана, каде што дипломирала во 1991 година, период кога почнала да работи и како соло-харфистка во оркестарот на Словенечката опера и балет во Љубљана. Набрзо нејзиниот талент го фокусирала на солистичката кариера и го комплетирала образованието како постдипломец на Академијата за музика и театар во Хамбург со проф. Марија Граф. Мојца Злобко поседува широк репертоар, а нејзините изведби биле инспирација за многу композитори да создадат дела токму за харфа и оркестар што таа често ги интерпретира. Настапувала со мноштво реномирани ансамбли, вклучувајќи ги и Берлинскиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Стокхолм, Камерниот оркестар на Хамбуршката филхармонија, Гудачкиот квартет „Лајпциг“, квартетот „Орфеус“, Белградската филхармонија, Сараевската филхармонија, Националниот оркестар на Киев…, и често настапува како солист со Словенечката филхармонија и со Симфонискиот оркестар на Радио Словенија. Досега има снимено седум соло цедеа. Помеѓу 2000 и 2002 година, Злобко живеела и настапувала во Виена, додека од 2002 до 2004 година во Берлин. Често е член на жири-комисиите на меѓународни натпревари по харфа ширум светот.
Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска, Загреб, Њујорк). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Кристоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Сајака Шоџи, Бранимир Слокар, Ана Дурловски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: „Жорж Енеску“, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „F.A.M.E’S“ Македонија. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.