| четврток, 6 декември 2018 |

Пауза за мозокот – новини во основното образование

 

Почнувајќи од следната учебна година, учениците во основните училишта во Србија секојдневно ќе се занимаваат со спорт, и тоа не само преку наставата на физичко образование, туку и преку воведување на различни спортски активности, најавил за „Данас“ српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ, пренесува Факултети.мк.

Два часа по физичко образование остануваат задолжителни во неделениот распоред, а изборниот спорт познат и како трет час по физичко ќе биде укинат. Наместо тоа ќе се воведуваат спортски активности, три пати неделно од половина час (вкупно час и половина неделно) и тоа во деновите кога нема задолжителен предмет на физичко образование.

Министерот истакнал дека спортот, информатиката и дуалното образование се клучни теми за кои се дискутирало на неодамнешната конференција на министрите за образование на Кина и Србија.

Професионалната асоцијација на професори по физичко образование е задоволна со намерите на властите во образованието но стравуваат како наставата ќе биде организирана, бидејќи, како што тие велат, дополнителниот час и половина за спорт изнесува 67,5 минути.

Педагозите објаснуваат дека идејата за секојдневно вежбање во траење од половина час не е нова. Белградското основно училиште „Иво Андриќ” е вклучено во меѓународен проект „Пауза за мозокот“, кој им помага на учениците во моментите кога нивната концентрација опаѓа во текот на наставата, да направат „пауза на мозокот” и за тоа време да набљудуваат филмови на екранот и интерактивно да се вклучат во физичка активност.

На тој начин доаѓа до подобрување на концентрацијата и вниманието, како и на моторните способности. Една од идеите за оваа програма е да се нагласи потребата за вклучување на учениците во физичко образование, во текот и помеѓу часовите, а не само на часовите по физичко образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top