| четврток, 6 декември 2018 |

Завршени 80 проценти од обновата на автопатот Смоквица- Гевгелија

Завршени се 80 проценти од градежните работи за обнова на автопатот Смоквица-Гевгелија, во должина од 10 километри, информира министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој денеска изврши увид на активностите на терен.

Автопатската делница Смоквица – Гевгелија се реконструира во соработка со Европската Унија, а инвестицијата е 4,2 милиони евра. Досега се асфалтирани седум километри, изградени се три нови моста  и се работи на изградба на уште еден нов мост.

– Во исто време се работи и на автопатот од Демир Капија до Смоквица кој исто така ќе биде готов следната година. Веќе се започнати подготвителни работи за реконструкција на осум километри делницата од Демир Капија до Неготино. Компанијата набрзо ќе започне и со градежните работи. Моментно се работи и на рехабилитација на автопатот од Куманово до Скопје, така што следната година очекувам да имаме модерна по сите светски стандарди автопатска делница на Коридорот 10. Само на Коридор 10 инвестираме преку 230 милиони евра за подобрување на сообраќајот, изјави Мисајловски.

Инвестициите во капитални проекти, нагласи, се најголем приоритет на Владата. Тоа, посочи, го докажавме во изминатите години, го докажуваме и сега. Инвестициите во инфраструктурата надминуваат над милјарда евра, конкретно во изминатиот период имаме изградено и рeкеонструирано над 1.300 километри патна мрежа, рече министерот за транспорт.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов, со обновата на делницата Смоквица Гевгелија ќе се овозможи брзина до 120 километри на час.  Со средства од ИПА, како што информира, се работи на уште еден проект на оваа делница и ќе биде поставена комплетна нова сигнализација и за клучките Гевгелија и Демир Капија.

Иван Фангов, градоначалник на Гевгелија, нагласи дека реконструкцијата на делницата е од огромно значење за економскиот развој на општината бидејќи  ќе се привлечеле многу нови инветситорти. Општината исто така работи и на неколку други инфраструктурани проекти кои ќе го олеснат сообраќајното решение во општината, рече Франгов.

Мисајловски, Стојанов и Франгов извршија увид и на изградбата на кружните  текови  за олеснување на сообраќајот во Гевгелија и пристапните патишта во градот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top