Во контекст на дискусиите за обединување на десницата и оправданоста на истото се отвора дилемата дали е тоа воопшто потребно? А кој подобро би ни дал одговор на оваа дилема ако не историјата бидејќи корените на раздорите и обединувањата се длабоко во неа. Ќе ви претставам неколку аналогии за да сфатите дека историјата нѐ учи дури и во најситните дневнополитички случувања и предизвици. Ќе замолам да не бидам погрешно сфатен во контекст историја-политика, всушност историјата не ја гледам како сувопарна наука која треба да му пренесе на човека што било и тука да застане, за мене таа е нешто повеќе. Научена лекција, здобиено искуство, навремена информација, како сакате.
Ќе ви го свртам вниманието кон еден историски факт, а вие сами донесете заклучок како треба натаму.
Во предвечерието на Балканските војни, Македонската револуционерна организација имала обид да ги збие своите редови и во налетот на соседните војски да се постави соодветно на македонските интереси. Во 1911 година во Централниот комитет на Организацијата бил инкорпориран Христо Чернопеев. Две години претходно, во 1909 година Чернопеев и Јане Сандански ја оформиле Народната федеративна партија. По измамата од страна на Младотурците, Чернопеев се враќа на старите принципи и од тој момент започнуваат жестоките непријателства помеѓу Чернопеев и Сандански, Организацијата влегува во голем раздор и поделби кои водат кон ликвидации. Секој раздор внатре во ВМРО имал силни импликации врз македонското прашање, а раздорот најчесто бил предизвикуван од надворешен фактор.
И сега, што има врска ова со денес?
Пред самиот почеток на војната Чернопеев му испраќа на Сандански неколку писма во кои му ја опишува целата состојба. Сандански во тој период е целосно изолиран заедно со својата група, познатите Серчани. Чудно, Чернопеев испраќа писма, а Сандански претпоставува кон што води тоа. Тие писма, всушност, се подадената рака од Чернопеев, како човек од Централниот комитет, до Јане Сандански и Тане Николов, да се стави крај на непријателствата помеѓу фракциите. Било потребно помирување пред таков клучен момент, пред војна во која се одлучувала иднината на Македонија.
Одговорот на Јане Сандански на подадената рака е суштината, одговорот е во вистинско време, на вистинско место, и да не претерам, но ќе кажам, државнички одговор. На овој предлог Сандански одговорил на следниот начин, парафразирам, непријателствата и гревовите не ги заборавам, но додека трае војната ги замрзнувам сите непријателства и во неа влегуваме заедно.
Старите соработници ги замрзнале непријателствата и заедно влегле во војната, војна за која мислеле дека е одлучувачка за Македонија, војна која е далеку поважна од нивните недоразбирања и суети. Кога ќе го погледнете исходот само од Првата балканска војна, ќе видите дека обединетите сили на Организацијата, всушност, ја ослободиле целата територија на Македонија, останатото е политика во која вина има и нашата поствоена разединетост.
Денес Македонија повторно се наоѓа пред големи искушенија, на тие искушенија треба да се има соодветен одговор. Без разлика на политичките партии, мнозинството смета дека треба да го сочуваме тоа што го имаме, а подоцна ќе се бориме политички. За жал, Сандански беше убиен три години по обединувањето. Доколку навистина знаеме да учиме од минатото, тогаш нема да се биеме и по денешното обединување, тоа на Македонија најмалку ѝ е потребно.
А што вели искуството во однос на дилемата?
Кога бевме обединети, ја создадовме најмасовната Организација на овие простори која подоцна прерасна во најмасовна организација на европскиот континент. Кога не ни беше наклонета ниту една држава од големите сили, ние успеавме да направиме подземна република, ја направивме бидејќи бевме обединети. Кога бевме обединети, го кренавме востанието кое стана симбол на нашето постоење и желба за сопствена држава. Кога бевме обединети, го држевме отворено македонското прашање. Кога бевме обединети, ѝ пркосевме на Европа исцртувајќи мапи кои беа против нејзините интереси во тој период.
Што се случи кога се разединивме? Кога се разединивме, бевме поделени. Бевме подложни на асимилација. Кога се разединивме, добивме сатрапи. Така вазално подредени ја пропуштивме големата војна, која на наша земја го донесе најголемиот фронт, на тој фронт војувавме меѓу себе во туѓи војски. Нашата разединетост и недоразбирање доведе до меѓусебни ликвидации кои однесоа 90 проценти од интелектуалните сили. Така десеткувани влеговме во втората голема војна. И покрај сите ликвидации и недоразбирања ги закопавме секирите. Што добивме тогаш? Создадовме држава. При штотуку создадена држава ние повторно се разединивме, почнавме да се кастриме, со тоа прашањето си го затворивме на момент. Кога дојде момент да се раздружува бившата творба, Македонците се обединија. Се здобивме со самостојност.
Нашето разногласие и брзоплетост доведе до бојкот на парламентарните избори во 1994 година, така оставивме други да одлучуваат за нашата земја. Останавме без име и знаме, ни се загрози и идентитетот. Таквата разединетост нѐ доведе на работ на пропаст во 2001 година, ни беше разобличена државата. Пред да почне војната, во 2000 година, тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ беше потајно внатре разединета. Среде таа разединетост се изврши удар врз службите како увертира на војната, тогашниот министер за внатрешни работи не беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Истите луѓе што тогаш извршија удар, истото го прават и денес, така дојдовме и до „Диво Насеље“ каде што со жртви беше спасена државата.
Доколку сето тоа не е причина за обединување, во тој случај ништо не сме научиле. А доколку не почнеме да учиме, тогаш се доведува во прашање нашето постоење.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст