Валентина Салтане од тимот на Светската Банка кој го изработува извештајот за водење бизнис вели дека досега највисокото десетто место за Република Македонија е одлична вест за земјата и е резултат на активното спроведување реформи со кои им се олеснува на стопанствениците да инвестираат и работат. Во извештајот Дуинг Бизнис 2017 година, кој Светската Банка го објави вчера, Македонија се пласираше на 10. место, што претставува скок за 6 места или подобрување од 82 места во споредба со 2006 година.
– Најновото издание на извештајот Дуинг бизнис носи одлични вести за Македонија бидејќи за првпат во историјата на извештајот Македонија се приклучи на првите десет топ реформатори за бизнис, што е големо постигнување. Ако погледнеме регионално, Македонија е најдобрата држава во регионот на Европа и средна Азија. Ова е постигнато со многу активно поттикнување реформи, што Македонија ги продолжува од година во година, изјави Салтане за Македонската телевизија.
На врвот на листата е рангиран Нов Зеланд, а зад него се Сингапур, Данска, Хонг Конг, Јужна Кореја, Норвешка, Британија, САД, Шведска и Македонија како десетта. На дното се земји кои најмалку ги почитуваат економските слободи, како Венецуела, Либија, Еритреја и Сомалија. Од регионот, Бугарија е 39-та, Хрватска е на 43. место, Србија 47-ма, Косово и Грција се 60. и 61., а Босна е 81.
Салтане вели дека Македонија особено се истакнува во отстранување на проблемите поврзани со бирократијата. – Мислам дека Македонија постигна одлични резултати на индикаторите кои го мерат надминувањето на бирократските пречки за бизнис, на пример во областа на почнување на бизнис глобалниот рејтинг на Македонија е на 4-то место од 190 држави во светот. Ако стопанственик ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично постигнување. Следниот предизвик ќе биде да се продолжи со реформирањето и да се постигнат подобри резултати, и да се пренасочи фокусот на правните институции. Бидејќи е потребно подолго време да се реформираат судовите, министерствата, затоа е потребно можеби да се насочи повеќе фокус кон владините институции и судовите за да се обезбеди дека се е автоматски, дека е транспарентен процес и луѓето знаат кои се правилата и регулативите. Ова би бил следниот чекор што го гледаме како предизвик за државата, додава Салтане.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.