Републиканскиот кандидат за американски претседател Доналд Трамп оцени дека планот на неговата демократска противкандидатка Хилари Клинтон за Сирија, би довел до Трета светска војна, поради „потенцијалот за конфликт со вооружените сили на Русија“.
Во интервју во рамки на неговата кампања низ американската сојузна држава Флорида, Трамп нагласи дека според него поважно е да се порази џихадистичката група Исламска држава (ИД), отколку да се убеди сирискиот претседател Башар ел Асад да се повлече од власта, кој е еден од приоритетите на актуелната Администрација во Вашингтон и на Клинтон.
– Она што треба да направиме е да се фокусираме на ИД. Не би требало да се фокусираме на Сирија. Ако ја слушаме Хилари Клинтон ќе завршиме во Трета светска војна, порача Трамп од Мајами.
Според Трамп, Асад денес е многу посилен отколку што беше пред три години, па затоа сега е помалку важно тој да биде натеран да се повлече од власта, а приоритет треба да се стави на уништувањето на ИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.