| четврток, 6 декември 2018 |

СЈО демантира: Немаме план со СДСМ

lence

Специјалното јавно обвинителство реагира со соопштение во кое ги демантира фактите изнесени во нашиот текст „Ексклузивно: Eве го планот на СДСМ и СЈО до крајот на изборите“. Според СЈО „Република“ прави обид да го дискредитира тоа јавно обвинителство изнесувајќи неосновани тврдења за  наводни планирани уценувања на бизнисмени и други лица врз основа на материјалите од незаконски следените комуникации со кои располага ова Јавно обвинителство.

Демантот на СЈО го пренесуваме во целост.

Во неделникот Република беа објавени тврдења со кои се прави обид за дискредитација на ова Јавно обвинителство. Во целост ги демантираме тврдењата кои се однесуваат на наводен план помеѓу ова Јавно обвинителство и политичката партија СДСМ. Воедно како неосновани ги отфрламе и сите тврдења за наводни планирани уценувања на бизнисмени и други лица врз основа на материјалите од незаконски следените комуникации со кои располага ова Јавно обвинителство.

Појаснуваме дека во текстот на неделникот Република беа објавени податоци за наводно работење на ова Јавно обвинителство во повеќе предистражни постапки. Ваквите наводи ние не сме во можност ниту да ги потврдиме, ниту да ги демантираме. Укажуваме дека предистражните постапки се тајни и она што е предмет на предистражна постапка треба да им биде единствено познато на полицијата и обвинителството. Според тоа, одговорноста е на страната на сите оние кои неовластено даваат податоци за предистражни постапки, особено што објавувањето на податоци за предистражни постапки може да нанесе штетни последици како од аспект на уништување на докази и документација, така и од аспект на ризик по безбедноста на инволвираните лица во постапките. Во конкретниот случај текстот во кој се изнесени податоците не е потпишан од страна на авторот на текстот, што е и потврда на важноста од внимателно изнесување на податоци кои може да се однесуваат на кривични постапки.

На крајот сакаме да појасниме дека отворањето на истраги и поднесувањето на обвиненија зависи од обезбедувањето на докази за секој предмет поодделно, така што не може да се планира дали и кога ќе биде отворена истрага или дали и кога ќе биде поднесено обвинение.“, стои во демантот објавен на веб-страницата на СЈО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top