| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје десеткуван ќе настапи на првиот домашен натпревар од Еврокупот

mzt-sokoli

МЗТ Скопје ќе биде значително ослабен за претстојниот дуел од Еврокупот против Цедевита, по повредите што неколку кошаркари ги заработија во изминатите денови. „Металците“ ќе се обидат да триумфираат на првиот домашен натпревар во европското натпреварување, но задачата значително им е отежната по повредите на Шарлон Клоф, Ѓорѓе Дреновац и Марко Симоновски.

– Шарлон Клоф истегна мускул на препоните и ќе паузира најмалку десетина дена што значи дека нема да биде во составот против Цедевита. Дреновац ја обнови повредата од Суперкупот на последниот тренинг и сигурно ќе пропушти неколку натпревари, Марко Симоновски дефинитивно нема да биде во составот уште најмалку две недели поради повредата на задната ложа. Ќе бидеме десеткувани, но тоа не значи дека нема да одиме на победа. Ќе сториме се за да ги израдуваме навивачите и да стигнеме до премиерен триумф во Еврокупот – изјави тренерот Александар Јончевски.

МЗТ Скопје во првото коло минимално загуби на гостувањето против Лиеткабелис, додека Цедевита веќе нанижа два порази, на гостински терен против Гран Каранија и во Загреб од Лиеткабелис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top