Последната изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека вработувањето на нејзиниот внук во СЈО не претставува непотизам, е врв на нејзиното потценување на граѓаните и лицемерие кон принципите за транспаретност и за праведно работење.
Ова денеска го изјави Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Катица Јанева и нејзиниот тим, посочи, не само што го претворија Специјалното јавно обвинителство во партиска испостава на СДСМ, туку без каков било пардон се повеќе симпатизери, внуци, роднини, пријатели и други луѓе, вдомуваат на државен буџет.
Според Милошоски, со ваквите постапки, госпоѓата Јанева ги потврдила мислењата на граѓаните дека СЈО не работи ниту професионално, ниту неселективно, туку претпочита партиска работа, политички активизам и роднински непотизам.
Потенцира дека Катица Јанева заборава дека е избран функционер и дека не раководи со приватна фирма за да може да вработува кого сака и како сака, туку работи со државна институција основана од Собранието која што треба да даде отчет и пред институциите и пред граѓаните.
– Катица Јанева призна исто така дека го вработила членот на СДСМ Борче Боки Трајковски, лице осудено за измама кое издржало една година затвор, но не кажа колку е морално истиот да биде дел од тимот на органите на прогонот и на ова обвинителство. Катица Јанева, исто така заборави да каже колкава плата му определила на нејзиниот внук и дали внукот на Катица Јанева е најдобриот правник или економист во Република Македонија, за тој да мора да биде врабоотен во СЈО за висока плата, праша Милошоски.
Истакна дека Катица Јанева должи и други одговори за непотизмот и партизацијата на СЈО.
– Дали е точно дека СЈО ја вработило и Берниса Рахиќ, ќерка на Есад Рахиќ, член и висок функционер на СДСМ, дали е точно дека СЈО ја вработила и Катерина Рамбабова чија мајка беше кандидат за пратеник од СДСМ, а нејзиниот татко беше споменуван во одредена афера бидејќи како судија имал членска книшка на СДСМ, дали е точно дека СЈО отпочнала со поширока акција за вработување и наградување на сите оние кои што учествуваа во платеничката револуција на СДСМ и Сорос и во тој контекст дали извесен Пане Нацев од Неготино кој учествуваше во насилното демолирање и нагрдување на државни и културни објекти е дел од вработениите во СЈО, праша Милошоски.
Според него, на ваквиот начин на работење на госпоѓата Јанева не може да се каже дека СЈО ќе го гради кредибилитетот и дека е независна, транспарентна и принципиелна институција.
ВМРО-ДПМНЕ, посочи, го поддржа формирањето на СЈО, но немаме намера да поддржуваме и да оправдуваме вакви постапки коишто ја девалвираат правната фела, постапки на госпоѓата Јанева коишто ја девалвираат фелата на јавните обвинители и постапки преку кои што СЈО станува партиска испостава и место за вработување на блиски роднини.
– Затоа сметаме дека крајно време е СЈО да престане да води политички активизам и да стане професионална институција. И време е СЈО да престане да станува место каде што роднините ќе се вработуваат наместо да биде место за стручни лица кои што ќе ја извршуваат својата работна задача.ВМРО-ДПМНЕ очекува дека и другите партии, потписнички на договорот за формирање на ова обвинителство, ќе ги споделат овие критики, ќе укажат дека СЈО не е место за приватна забава, не е место за приватно вработување на роднини и на партиски лица, додаде Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.