| четврток, 6 декември 2018 |

Абади: Офанзивата за Мосул е ирачка битка

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади по средбата со американскиот секретар за одбрана Ештон Картер повторно изјави дека е против турското учество во офанзивата против Исламска држава во Мосул.

– Битката за Мосул е ирачка битка и ја водат Ирачаните. Знам дека Турците сакаат да учествуваат, но им кажавме: Благодариме, тоа е нешто што Ирачаните сами ќе се справат. Немаме проблеми со офанзивата. Ако имаме потреба од помош, ќе се обратиме до Турција или која било друга земја од регионот, посочи ал Абади.

Картер пристигна во ненајавена посета на Багдад откако вчера беше во Турција.

Картер во Багдад разговарал и за неопходните чекори што треба да бидат преземени за враќање на нормалниот живот во вториот по големина ирачки град по протерувањето на ИД.

Тој се сретна и со американскиот генерал Стив Таунсенд, највисок командант на САД во Ирак.

Претходно, турскиот премиер Бинали Јилдирим го критикуваше раководството на Ирак, велејќи дека тоа е „провокативно” со последните коментари и изјави дека Анкара ќе продолжи да има присуство во Ирак.

– Во последните денови имаше предупредувања од Ирак. Ние нема да го слушаме ова, никој не може да ни кажува да не се грижиме за регионот. Раководството на Ирак е провокативно. Турција не се наведнува под ничии закани. Турција ќе продолжи да биде присутна таму, истакна Јилдирим на конференција на владејачката Партија на правдата и развојот, која оваа недела се одржува во западниот турски округ Афион.

Турција е во спор со ирачката Влада за присуството на турски војници во кампот „Башика” во близина на Мосул, каде што таа обучува илјади војници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top