Градоначалниците на Град Скопје и на Кисела Вода Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска извршија увид во градежните активности за продолжување на булеварот „Србија” до кружниот тек кај улицата „Христо Татарчев”.Грруевски информира дека се работи за инвестиција од околу 100 милиони денари, односно се гради булевар со четири ленти, кој ќе биде многу корисен и проточен за граѓаните.
Трајановски потсети дека со оваа фаза се опфатени 868 метри и целосно ќе се заокружи изградбата на булеварот „Србија”.
– На крстосницата меѓу булеварот „Србија” и улицата „Христо Татарчев” ќе има голем кружен тек со дијаметар од 36 метри, кој ќе биде со две коловозни ленти по 4,75 метри, а ќе има и пешачки патеки, рече Трајановски.
Тој најави дека ќе се реконструира и кракот на улицата „Христо Татарчев” кон Припор, во должина од 380 метри, како и краците 2 и 13, кои се по стотина метри. Вкупната должина која ќе биде реконструирана е околу 1.400 метри. Вредноста е 98 милиони денари, а рокот на изработка е 20 месеци од почетокот на изработка. Се очекува до август следната година да завршат градежните активности.
Градоначалникот Трајановски додаде дека булеварот „Србија” ќе ги поврзе населбите Кисела Вода, Припор и Сопиште со општина Аеродром и ќе овозможи побрзо, побезбедно и поефикасно движење.
Тој информира дека Град Скопје во моментов работи и други проекти во општина Кисела Вода. Во фаза на изградба е и булеварот „Борис Трајковски”, кој треба да биде готов до средината на следната година. Се работи на булеварот „Народни херои”, кој ќе биде завршен за неполн месец, а за следната година ќе биде вториот дел од овој булевар.
– За следната година предвидуваме и во фаза на изработка сме на техничката документација и вадење дозволи за улицата „Есенинова”, која ќе ја поврзе Кисела Вода со Аеродром, рече Трајановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.