| четврток, 6 декември 2018 |

Се истражува велешкото кале

По истражувањата во мај годинава, археолози на Народниот музеј во Велес, повторно се во локалитетот велешко Кале. Тие есенва продолжуваат со работа на просторот на кој постоел средновековен град и имаат цел да доистражат како се развивал. Ископувањата се завршени во седумдесет отсто од вкупната површина на Акрополата и во делот на објектот за кој се претпоставува дека е Некропола. Станува збор за горниот дел на тогашната населба од каде започнал да се развива стариот град.

– Претходни информации говорат дека станува збор за хеленистичка населба што првично зафаќала површина од три хектари за потоа да се развие во доцна античка населба. Оваа античка населба имала големи одбрамбени ѕидови што во средновековниот период биле зајакнати и повторно искористени, имајќи во предвид за каков немирен период станува збор , рече виш кустос археолог Анита Василкова Мидоска.

По завршувањето на археолошките ископувања на велешко Кале ќе следи процес на конзервација. Овој археолошки локалитет е предизвик и за локалната власт која смета дека како историска вредност на градот, штом завршат истражувањата, ќе може да се промовира и да се отвори за јавност.

-Очигледно е дека овој локалитет има историска важност за градот. Финансиски го помогнавме археолошкото истражување со цел да дознаеме што се постоело на почетна површина од три хектари а потоа се ширело и особено какво е значењето за Велес. Кога работите ќе завршат планираме да поставиме патокази кои ќе овозможат локалитетот да биде посетуван од граѓаните на Велес и од туристите, рече градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Археолошките истражувања на велешко Кале се реализираат и со финансиска поддршка на Министерството за култура

извор: дума.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top