Кандидатите за претседател на САД на Демократската и на Републиканската партија, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, вечерва во Лас Вегас ќе го имаат третото и последно телевизиско соочување во пресрет на изборите закажани за 8 ноември.
Според последните анкети, Трамп и натаму заостанува зад Клинтон за шест процентни поени. Вечерашниот дуел е последна шанса кандидатот на републиканците да ја промени таа ситуација, оценува „Гласот на Америка“.
Трамп постојано предупредува и на борбата против медиумско-политичката машинерија, која, како што вели, пристрасно застана зад Клинтон.
– Системот е наместен, но ние нема да дозволиме тоа да сe случи, често нагласува Трамп на предизборните собири.
Сепак, некои негови сопартијци ги отфлаат ваквите тврдења. Републиканскиот кандидат се соочува и со побројни и погласни обвинувања за непристојно сексуално и сексистичко однесување кон жените.
– Тоа се лаги што ги форсираат медиумите и кампањата на Хилари, за нашата земја да остане во нивни раце. Тоа се целосни измислици, повторува Трамп честопати. Клинтон пак, последниве неколку дена ги посвети на подготовки за последната дебата. И покрај постојните контроверзи околу нејзините имејлови, таа настојува да се насочи на изборните теми.
– Пред се, треба да обезбедиме економски услови за сите, не само за неколкумина на врвот. Ние тоа го можеме, вели таа.
Поради објавените компромитирачки видео снимки за Трамп, некои анкети бележат пад на неговата популарност. Со такво однесување, тој сигурно нема да ги придобие образованите жени. Тие гласови му се потребни нему, вели Том де Франк, аналитичар на „Нешанл Џурнал“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.