| четврток, 6 декември 2018 |

Се плаши ли Путин од Хилари?

Додека Трамп ја напаѓа Клинтон зборувајќи како е премногу слаба да биде претседателка на САД, Путин изгледа се плаши од демократската претставничка, пишува СИ-ЕН-ЕН.

Доказите дека Русија активно работи на тоа да ја загрози претседателската кампања на Хилари Клинтон, константно се појавуваат. Кога хакерите ги објавиле мејловите на Демократскиот национален комитет, само неколку часа пред Демократската национална конвенција, експертите за безбедност на интернет пронашле отпечатоци од руски агенти. Потоа дошло и до хакување на Џон Подеста, шеф на кампањата на Клинтон.

hilari_620

Американската влада сега и официјално ја обвинува Русија за мешање во американските избори, наведувајќи дека во секој случај на мешање досега, ѝ нанесува штета на демократската кандидатка, Хилари Клинтон.

Иако кампањата на Трамп се фокусира на тоа да ги извести гласачите за сите грешки на Клинтон, Путин демократската претставничка ја гледа како закана која може да ги загрози неговите цели.

За Путин, пишува CNN, сопирањето на Клинтон не е само важна стратешка цел, туку и прашање на лична победа.

Доколку се вратиме во 2011. година, Путин се соочувал со протести во земјата, кои биле најголеми од распадот на Советскиот сојуз. Служел два мандати како претседател, што е дозволен број, а во 2008. година станал премиер, но држејќи ги сите конци во рацете.

Потоа објавил дека сака и трет мандат како претседател. Три месеци подоцна, опозицијата била бесна кога неговата партија убедливо победила, наводно поради измама.

Тогаш, и покрај студените московски температури, луѓето излегле на улиците на руската престолнина барајќи фер избори и крај на владеењето на Путин. Тогашната секретарка на САД, Хилари Клинтон, застанала на страната на демонстрантите.

-Рускиот народ заслужува транспарентни и фер избори, кои се слободни и чесни.

Путин ја обвинил Клинтон за протестите, и тврдел дека таа ѝ пратила сигнал на опозицијата. Од тогаш, неговата лична нетрпеливост се поклопува и со неговите големи стратешки цели. Во последните неколку години, тој ги предизвикува НАТО, ЕУ и САД, кога и да може, пишува CNN.

Според мислењето на западните аналитичари, Русија “се обидува да ги дискредитира транс-атлантските врски и западниот либерален демократски модел, поддржувајќи ја крајната десница против ЕУ и манипулирајќи со земјите од Источна Европа”.

Клинтон, за разлика од Трамп, со години коментирала како таа ќе биде многу “потврд” противник на Путин од Обама, велејќи дека “САД мора да најдат начин да ја спречат руската агресија во Европа и пошироко”.

Додека Хилари делува одлучно во тоа да ги заостри американските ставови, надворешната политика на Доналд Трамп се поклопува со руската. Тој зборувал за ускладување на својата политика во Сирија со таа на Асад и Путин, како и за укинување на економските санкции против Русија.

Кога Путин го оправдал руското преземање на Крим како напор да се заштити руското малцинство кое се наоѓа таму, Клинтон рекла дека тоа потсетува на оправданието на Хитлер за преземање на делови на источна Европа. Путин искоментирал дека “во нејзините изјави никогаш немало премногу љубезност”.

Најважна ставка во надворешната политика, и за САД и за Русија, е граѓанската војна во Сирија. Кампањата на Трамп нудела доста конфликтни идеи, но во дебатите изгледало дека републиканскиот кандидат застанал за Путин.

Додека Обама има воздржан став за кризата и го праќа државниот секретар Џон Кери на маратонски преговори со руските колеги, Русија продолжува со бомбардирање на цивили во знак на поддршка на Асад, пишува СИ-ЕН-ЕН.

Клинтон звучи поодлучно и сака да воведе „зона без летање”, која ќе ги порази не само сириската војка, туку и самиот Путин. Таа вели дека редовно би ја информирала Русија за тоа што се случува таму, за да не дојде до судири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top