| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на белиот стап

Здружението на слепи лица, лајонс и лео клубовите од Битола викендов го одбележаа Меѓународниот ден на белиот стап.

Според востановената традиција, одбележувањето почна со прекин на сообраќајот на улицата „Димитар Илиевски-Мурато“, марш по Широк Сокак и јавна трибина во битолскиот Центар за култура каде на тема „Ориентација во просторот и развивање на моториката на слепо дете“ говореше Миле Гилевски, слепо лице, член на Здружението на слепи лица од Битола.

– Секоја година сме заедно со лајонсите бидејќи тие се наши искрени поддржувачи. Со маршот по Широк Сокак и кусиот прекин на сообраќајот сакаме да им укажеме на возачите да внимаваат кога се движиме и посебно да не ги паркираат своите возила на тротоарите. Посакуваме институциите конкретно да ни помагаат и во таа смисла би сакале дел од нив на влезовите да стават рељефни обележја кои ќе ни овозможат полесен пристап и снаоѓање, истакна Владо Димитровски, претседател на Здружение на слепи лица-Битола.

Традиционалниот настан во име на четирите лајонс и двата лео клубови од Битола годинава го координираше Лилјана Ристевска, претседателка на Лајонс клубот Хераклеа која потсети на досегашниот придонес и поддршка од лајонси за слепите лица, отворениот лајонс парк во Битола и други проекти.

– Ние како витези на слепите лица секогаш и беспоштедно се вложуваме за да помогнеме. Ги знаеме проблемите со кои се соочуваат членовите на Здружението на слепи и ќе продолжиме со нашиот ангажман да ја запознаваме јавноста и јавните институции, посочи Ристевска.

По повод 70 годишнината од основањето, и во знак на јавна благодарност за неодамна донираниот телефонски именик со брајово писмо кој го изработи Марјан Танушевски, член на Лајонс клубот Битола, членовите на Здружението на слепи лица-Битола му доделија благодарница за досегашната успешна соработка и исклучителен придонес за слепите и слабовидните лица во Република Македонија.

фото: Димитар Петковски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top