| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе има средба Груевски – Црвенковски

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, ја прифати покана за средба од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Греувски

– Искрено се надевам дека освен вашата покана за средба кај вас, навистина, постои искрена политичка волја заеднички да ги утврдиме и реализираме сите предуслови за одржување слободни и фер избори како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и за создавање нов и неспорен кредибилитет на државните институции, кои единствено можат да го овозможат  граѓаните на Република Македонија. Оттаму свесни за длабоката политичка криза во која се наоѓа земјата по немилите настани што се случија пред и на 24 декември, заради создавање амбиент за успешни интеграции на земјата во ЕУ и во НАТО, ја прифаќам вашата покана – вели Црвенковски во одговорот на Груевски.

Македонија, додава лидерот на СДСМ, на патот за остварување на своите стратегски цели во ниту еден момент како држава не смее да ги поставува под знак прашање основните цивилизациски достигнувања и деморкатски развој, кои претставуваат столб за секоја модерна и интегрирана држава.

– За жал, денес во нашето општество сè уште се отворени дилемите за начинот на кој се остваруваат основните човекови слободи и права, практикувањето на демократијата, владеењето на правото како темелна вредност, економскиот развој, животниот стандард како и меѓународните позиции на Република Македонија, истакнува Црвенковски. Додава дека СДСМ во изминатиот период во неколку наврати нагласил, особено заради новонастанатата ситуација, дека е неопходно да се направат напори за излез од  неа преку постигнување политички договор што ќе ја врати Македонија на вистинската насока.

Премиерот и претседател на ВМРО–ДПМНЕ Никола Груевски по вчерашната најава за можна лидерска средба, денеска го покани претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, да се сртенат и да разговараат за актуелните политички состојби во земјава.

Според предлогот на премиерот Груевски, средбата би се одржала утре во Клубот на пратениците во Скопје со почеток во 13.30 часот. На средбата би се разговарало за наоѓање решенија за политичката криза и за учество на СДСМ на претстојните избори.

Во поканата што Груевски ја испратил до Црвенковски пишува дека средбата е во контекст на предизвиците што се поставени пред државата, а кои бараат одговорно и сериозно поставување и внимание и заштита на државните интереси, како и на интересите на сите граѓани на Република Македонија

– Република Македонија во рамките на својот државно правен развој се соочувала со предизвици од различен карактер, кои со мудро и одговорно однесување успевала да ги надмине и да извлече позитивни пораки, а притоа и да стане посилна – истакнува Груевски во поканата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top