Кривична пријава за две лица од Гостивар за недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Како што соопшти МВР, поднесена е кривична пријава против Е.И.(26) од гостиварското село Лакавица и Б.Р.(34) од Гостивар, а од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење до 30 дена.
Вчера околу 21 часот, при акција на криминалистичката полиција при СВР Охрид, во патнички автомобил „порше“ со гостиварски регистарски ознаки, управуван од Е.И., пронајдени се околу 40 килограми непозната тревкаста материја.
– Акцијата е изведена во соработка со униформираниот полициски состав од полициската станица од Струга со поставување пункт на раскрсницата помеѓу струшките села Франгово и Калишта. Притоа, сопрен е патничкиот автомобил по што на задното седиште забележана е црна платнена торба со 20 најлонски пакувања со зелена растителна материја. Дополнително во багажниот простор на возилото, пронајдена е уште една таква торба со иста количина најлонски пакувања. Покрај ова, пронајдени се и мобилни телефони, како и поголема количина пари во различна валута, се наведува во соопштението на МВР.
Во консултација со јавен обвинител, пронајдената растителна материја и другите предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.