Професорката од Институт за биохемија, Соња Топузовска најверојатно ќе биде новиот декан на Медицинскиот факултет. На денешните избори што се одржаа во Деканатот на факултетот, Топузовска доби најмногу гласови од четвороцата кандидати кои беа во изборната трка за нов декан на оваа висока образовна инстутуција.
За неа, според податоците од деканската управа гласале дури 56 колеги од вкупно 83 професори колку што биле присутни на изборот (двајца професори биле отустни). Правилата велат дека кандидатот треба да има над 50 гласови за да оди во вториот круг на гласање, а во оваа ситуација со 56 гласови било повеќе од јасно кој од четворицата професори ќе се кандидира за деканското место.
На второ место се најде нефролгот д-р Гоце Спасовски од Клиниката за нефрологија, за кој гласале 21 член на Советот. Со само два гласа помалку, односно со 19 гласови на третото место се најде психијатарот д-р Антони Новотни, директор на Клиниката за психијатриски болести. За педијатарот д-р Зоран Гучев, пак, од Клиниката за детски болести, гласале 8 колеги.
За да биде Топузовска и официјално именувана за нов декан на Медицинскиот факултет, нејзината кандидатура треба да ја потврди ректорот на државниот Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски, чие заминување од деканската позиција, всушност, беше и причина да се одржат нови избори за декан. Правилата велат дека ректорот може да не го прифати предлогот на факултетот, но, доброупатени извори велат дека не би требало такво нешто да се случи, со оглед на тоа дека Топузовска беше осум години во тимот на Јанкуловски додека тој беше декан, а ја извршуваше и функцијата продекан за настава на Медицински факултет.
Гласањето, според професорите кои присуствале на изборот, поминало во најдобар ред и се’ се одвивало на културно ниво. Кандидати ги изложиле своите програми, а дел од нив ги презентирале и деканските постави кои би ги следеле доколку бидат избрани.
Инаку, Соња Топузовска е редовен професор на Медицинскиот факултет по предметот биохемија и моментално е в.д декан на овој факултет. Мандатот на декан трае 4 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.