| четврток, 6 декември 2018 |

„Парламентарки“ на Народниот театар од Охрид на „Денови на Комедија“

Претставата „Парламентарки“ во режија на Ненад Витанов работена според аристофановата комедија „Жени во Народното собрание“ е третата претстава што се одигра на сцената на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово во рамките на фестивалот „Денови на комедија“.

Говорејќи за новата претстава драматургот Сашо Димоски истакна дека потребата да се напише нов текст како театарската предлошка на познатата комедија на Аристофан произлегла од некои глобални, но и локални регионални политички настани и случувања кои станаа дел од нашето секојдневие и од кои не можеме да избегаме.

– Оттаму произлезе една гротеска, претстава полна со карикатури која под чадорот на комедијата испраќа неколку силни пораки за позицијата на власта, желбата за моќ, потребата секогаш да се биде некаде на врвот при одлучувањето… „Парламентарки“ од една страна го критикува секој политички систем и структурите на власта, а од друга – се занимава со органиката на човековата глупост во желбата за власт и моќ, вели Димоски.

Режисерот на поставката Витанов кому ова му е втора поставка на Охридскиот театар, со забелешка дека комедијата како драмска форма секогаш дава најточен приказ на тоа дали е погодена темата, дали нештата се смешни и препознатливи во реално време, денес и сега.

– Во креирањето на „Парламентарки“ заедно со актерите направивме интересна комедија која донекаде коренспондира со нашата реалност во овој момент. Се надевам дека точно ги погодивме аномалиите на сите нас, луѓето кои се опиени од желбите за моќ, власт, пари…изведувајќи ги на површина и ги претставивме онакви какви што се ги даваме во духовита форма, исмевајќи ја реалноста и самите нас, рече тој.

Актерската екипа ја сочинуваат Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Сашо Ристовски, Биљана Билаловиќ-Вељановска, Филип Кипровски, Павел Маслов, Елизабета Стефановска и Ивица Цонев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top