| четврток, 6 декември 2018 |

Средба Димитриев – Катич: Словенија и Македонија имаат одлична билатерална соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев денес оствари средба со министерката за одбрана на Република Словенија Андреја Катич-Курт, на која беа поздравени одличните односи кои постојат помеѓу двете земји и беше искажана посветеност за нивно континуирано унапредување во сите сфери од взаемен интерес.

Од Владата соопштуваат дека двете страни изразија задоволство од билатералната соработка во областа на одбраната и безбедноста, како и од соработката на двете земји во овие сфери во регионален мултилатерален контекст.

„Беше поздравена иницијативата за воспоставувањето на балкански медицински наменски сили чиј штаб ќе биде отворен утре во Скопје, а во кои ќе партиципираат претставници на армиите на Македонија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Соговорниците ја потенцираа значајноста на потребата за членството на Република Македонија во Европската унија и во НАТО“, стои во владиното соопштение.

Димитриев се заблагодари за поддршката која Република Словенија ја дава на нашата земја за реализацијата на нашите европски и евроатлантски интеграции, како и за соработката во реализацијата на реформите значајни за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера.

dimitriev-katic3-640x261

На средбата стана збор и за предизвиците во врска со мигрантската криза, при што од страна на словенечката министерка за одбрана Катич беше акцентирана клучната улога која Република Македонија ја има во рамките на процесот за менаџирање на овие предизвици.

Беше реафирмирано дека за справување со предизвиците на мигрантската криза е потребен координиран пристап на земјите-членки на Европската унија и земјите кои се наоѓаат на балканската рута, и продолжување на соработката и координираните дејствија на сите земји на рутата.

Соговорниците разговараа и за други теми од областа на соработката во сферата на одбраната и безбедноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top