| четврток, 6 декември 2018 |

Како д-р Мехмед Оз од ценет лекар стана телевизиски шарлатан

Како талентираниот наградуван кардиоваскуларен хирург со дипломи од трите најугледни универзитети стана човек кој промовира појаси за симнување на фалтите на стомакот? И зошто, по ѓаволите, милиони луѓе го препуштаат своето здравје во рацете на телевизискиот лекар, чиишто совети, сѐ поочигледно, се шарлатански? Овие прашања, по повеќемесечно истражување на кариерата на Оз, ги објави во петокот новинарката на американскиот портал Вокс Јулија Белуз. Доктор Оз со години е глобално највлијателниот ТВ-лекар. Неговата емисија, која се емитира од 2009 година, просечно ја гледаат повеќе од 4 милиони луѓе во 118 земји во светот. Го издава магазинот Добар живот о редовно пишува колумни за најпопуларните американски печатени изданија. Држи радиски емисии, објавува неколку книги годишно, а неговата официјална веб-страница функционира како најпосетен сервис за прашања и одговори за здравјето.

Првите јавни напади

Има милиони следбеници на „Фејсбук“, „Твитер“, „Пинтерест“ и на „Јутјуб“. Преку сите тие канали проповеда, всушност, само една дубиозна порака: своето здравје можете да го држите под контрола со помош на едноставни трикови и природни лекови. Американските институции и научната заедница од неодамна сѐ повнимателно ги следат неговите иницијативи. Првиот посериозен потрес на имиџот на Оз се случи во јуни минатата година кога американските сенатори го нападнаа на јавното сослушување пред пододборот за заштита на потрошувачите. Го повикаа во рамки на истрагата за огласување лажни производи, кои, демек, помагаат во слабеење. „На ниту еден и најмалку сериозен лекар не му е јасно зошто го правите тоа. Три производи од оние кои ги прогласувате за чудесни, научната заедница јавни ги исплука“, го нападна сенаторката Клер Мекаскил.

Урнебесни резултати на студијата

Конкретно, Оз во својата емисија ги нарече чудесни екстрактот од зелено кафе, за кој истражувањата одамна покажаа дека нема апсолутно никаков ефект на слабеењето. На сенаторите тогаш тој им призна дека „повремено користи малку разубавени изрази“, но додаде дека производите кои ги препорачува во емисијата им ги дава и на членовите на неговото семејство. Сведочењето на Оз немаше никакви правни реперкусии. Како што се чини, ни најмалку не се одрази на неговата глобална популарност. Како и да е, во последните месеци Оз не го напаѓаа само американските сенатори. Пред неколку дена десетина лекари, на чело со Хенри Милер од Стемфорд, го обвинија дека промовира надрилекарство. Во острото писмо побараа да биде отстранет од Универзитетот Колумбија, каде што предава повремено. Неодамна беше објавена исцрпна студија во Бритиш медикал џурнал со урнебесни резултати. По случаен избор биле детално тестирани 20 производи кои Оз ги рекламира во својата емисија. Се покажало дека речиси половина од препораките на телевизискиот лекар немаат никаков докажан учинок или предизвикуваат контраефект.

Резилот со еболата

Се изрезили и минатата зима кога кулминираше паниката за еболата. Тогаш во една емисија нафрли дека можеби вирусот би можело да се шири преку воздух, што предизвика општо згрозување кај научната заедница. Оз е единствениот познат лекар кој излезе со таква идеја во јавност откако виролозите постигнаа глобален консензус за доказите за пренесување на еболата. Чудната реторика која сериозните луѓе и институции јавно ја преиспитуваат, меѓутоа, не се одрази на милионите негови фанови кои и понатаму безусловно го обожаваат За време на своето повеќемесечно истражување, новинарката Белуз разговарала со десетина колеги на Оз, ментори и останати стручњаци кои доаѓале во контакт со неговата работа. Некои од нив го познаваат од самите почетоци – од времето кога само што излегол од Харвард и од Универзитетот Пенсилванија. Белуз разговарала и со фанови на Оз, маѓу кои е и нејзината мајка.

Сите сакаат тој да ги оперира

Благодарение на манијакалното копање по минатото на доктор Оз, дознала дека Оџ од детството инклинира со алтернативни техники и дека неговото оддалечување од официјалната медицина се зголемувало како што се зголемувала неговата слава. Сите поранешни соработници со кои разговарала новинарката се колнеле дека Оз, сепак, е еден од најдобрите стручњаци кои ги познаваат. „Кого сакате прашајте во оваа болница кој сакате да ве оперира ако сега ве фати срце, речиси сите ќе ви одговорат Мехмет“, рекол Ричард Грин од презвитеријанската болница во Њујорк, каде што Оз работел со години. Никој не сакал да коментира зошто еден очигледно талентиран и успешен лекар, кој годишно извршувал 400 операции, се продал до таа мера. Од друга страна, обожавателите со кои новинарката на Вокс разговарала, се колнат дека Оз е првиот Тв-лекар кој не им е здодевен и им дава надеж. Харизматичниот Оз очигледно имал шанса да стане глобална ѕвезда со која лекарската заедница притоа нема да се мајтапи. Жално, но не станал, резимира Белуз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top