Три сообраќајни несреќи предизвикани од кучиња-скитници, кои, за среќа, поминале без повредени луѓе, а со вкупна материјална штета од околу сто илјади денари, се случиле вчера на автопатот Гостивар – Тетово – Скопје на различни места и во различно време, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Првата сообраќајка се случила во 14 часот и 30 минути во близина на клучката за Камењане кога патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски таблички, управувано од Н.К.(32) од Никуштак удрило и усмртило куче. Возачот и тројцата сопатници во возилото поминале без повреди, а материјалната штета се проценува на 30 илјади денари.
Малку подоцна, во 18 часот пред мостот во Добарце патничко возило „фолсфаген НХО“ со тетовски таблици што го управувал тетовецот Т.Е.(57), исто така, удрило во куче при што возачот и сопатничката не се повредени додека материјалната штета се проценува на 6.000 денари.
Последната сообраќајка се случила во 19 часот и 30 минути. При тоа патничко возило „опел вектра“ со тетовски таблици управувано од А.Б.(44) од Синичане, усмртило куче-скитник кое се движело по коловозот. И тука нема повредени, а материјалната штета се проценува на 60 илјади денари.
– Извршен е комплетен увид за трите сообраќајни несреќи предизвикани од кучиња, а причина за нивното движиње по коловозот е необезбедениот автопат – рече Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.