Во мој стил ќе одговорам на прашањата. Извештајот ќе го презентирам во специјалното обраќање на пленарна седница ако сме живи дотогаш, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната Комисија за политички систем на кој четврти ден се разгледува извештајот на СЈО за периодот од март до септември годинава. Како и секоја досега, и денешната расправа започна со жестоки расправии, дофрлувања од место и многу процедурални забелешки.
Пратениците од владејачкото мнозинство повторно ја обвинија Јанева дека нејзиното обвинителство за една година постоење сработило многу малку, со оглед на тоа што се преслушани само 12 проценти од незаконски прислушуваните материјали. На ова специјалната обвинителка одговори: „Јас не сум супермен и јас сум човек“.
Според пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ извештајот од 16 страници не ја дава реалната слика за тоа што сработило специјалното обвинителство и има многу нејаснотии од кои побара одговор од Јанева.
Меѓу другото, Авировиќ ја праша Јанева дали постојат дупликати од незаконски прислушуваните разговори, кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му ги предаде на СЈО, затоа што, како што рече, во јавноста протекуваат уште разговори.
– Дали при преземање на фајловите е запазена постапката за примање на снимените материјали, зашто и понатаму се дистрибуираат снимки преку социјалните мрежи. Сè уште постои дилема Зоран Заев ги предал сите материјали што ги поседува. Дали има составено записник колку точно материјали се примени – праша Авировиќ.
Како што рече таа, СЈО досега требало да ги заштити граѓаните и да спречи во јавноста да протекуваат незаконски прислушувани разговори.
Авировиќ, исто така, ја праша Јанева на кој начин се ангажираат експертите затоа што сите тие биле, како што рече, блиски до опозициската партија СДСМ.
Специјалната обвинителка рече дека нема да одговара на прашања на кои веќе дала одговор.
– Јасно и гласно, по стоти пат кажувам, тоа што досега го одговорив и го кажав нема пак да го повторувам. Извештајот на 16 страници е реална слика на работењето на СЈО. Немам намера да разговарам за финансискиот извештај – рече Јанева.
Специјалната обвинителка рече дека е направен записник за примените материјали и дека досега се преслушани 12 проценти од јавно објавените незаконски прислушувани разговори.
Таа потврди дека на прислушуваните разговори има бизнисмени.
Во врска со кривичните пријави од Драган Павловиќ Латас и од Ермира Мехмети, чии телефонски разговори беа објавени на Јутјуб, рече дека е почната постапка и дека снимките се испратени во странски институции за да се утврди дали се сечени, лепени и монтирани и да се утврди автентичноста на гласовите. Јанева рече дека вештаци од Македонија најпрво прифатиле да ги анализираат снимките, за потоа со допис да им ги вратат и да одбијат да работат на случајот.
Во врска со ангажирањето на експерти, рече дека се постапува според законот за специјално јавно обвинителство и дека се почитуваат сите процедури.
Иналу, се расправат четврти ден за работата на СЈО по паузата за викендот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.