Земјотресите не ги убиваат луѓето, туку зградите – е позната реченица која многу често ја кажуваат експертите што се занимаваат со земјотресно инженерство. Изминатите неколку денови околината на Скопје ја зафатија серија земјотреси кои никого не го оставија рамнодушен. Експертите велат дека земјотресите не можат да се спречат, ниту, пак, може да се предвиди кога ќе се појават.
– Но, ние знаеме каде можат да се појават и колку можат да бидат силни. Денешната наука по земјотресно инженерство овозможува проектирање сеизмички сигурни објекти, па затоа единствен начин да се избегне ужасот е примената на правилата од земјотресното инженерство во проектирањето на зградите и потоа целосно спроведување на проектот при изведбата во практика – вели за „Република“ професор д-р Михаил Гаревски, директор на македонскиот Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Природата деновиве нѐ потсети дека не смееме да ја игнорираме и дека законите на природата, но и тие за градба, едноставно, мора да се почитуваат. Земјотресите нѐ натераа да се запрашаме дали градбите што се градат и становите и куќите во кои живееме се квалитетни. По разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година почнало да се проектира и гради според сеизмички прописи. Целосно се напуштил класичниот систем на градба со носечки ѕидови од тули и почнале да се применуваат нови скелетни тродимензионални системи, како и мешовити системи од армиранобетонски рамки и армиранобетонски ѕидови, таканаречени платна.
Гаревски објаснува дека по скопскиот земјотрес, во 1964 година биле донесени првите прописи за сеизмичко проектирање во поранешна Југославија. Во Скопје во 1964 година е зачната идејата за формирање европска асоцијација по земјотресно инженерство, со што се поставени темелите на модерното европско земјотресно инженерство.
– Во 1965 година се формира и Институтот по земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), кој одигра клучна улога во сеизмичката градба на објектите во Скопје. По формирањето на ИЗИИС, поради уредбата на град Скопје (соработката беше особено голема со Јавното претпријатие за домување на град Скопје), проектите на сите објекти што ги градеше Градот доаѓаа во ИЗИИС или на проверка или, пак, беше спроведувана динамичка анализа, а за некој од типските згради или позначајните беа правени и дополнителни проверки со техниката на вештачки земјотреси. Во Скопје почна да се гради сеизмички, со што се создаде и еден нов однос кај граѓаните при што приоритет им стана сеизмичката сигурност на станот што го купуваат, а потоа беа останатите критериуми за станот – објаснува првиот човек на ИЗИИС.
Пред три години на денот на одбележувањето на 50-годишнината од разорниот земјотрес во Скопје, неделникот „Република“ разговараше со Гаревски токму на темата за градбите и колку тие се сигурни. Тогаш пишувавме дека ретко кој инвеститор ги носи своите проекти на ревизија во ИЗИИС. По пишувањата, се измени и Законот за градба.
– Од пред две и пол години Владата додаде член во Законот за градба со кој сите проекти за градба на територијата на Република Македонија, а не само на Скопје, мостови, брани, згради, мора да се донесат во ИЗИИС. Законот предвидува дека ако ИЗИИС не даде позитивно мислење, нема да им биде издадена градежна дозвола. Според тој член, еднаш се прави ревизија за објекти до 300 квадратни метри. За поголеми објекти, над 300 квадратни метри, екипа на ИЗИИС двапати излегува на терен. Нас нѐ интересира конструкцијата, не нѐ интересираат плочките и паркетот. Имаме апарати со кои го проверуваме составот на бетонот, арматурата дали е ставена според проектот. За ИЗИИС е важно дали изведувачот постапува според проектот и не смее да има измени. Вакви проверки се прават двапати – додека проектот е во градба, на 50 проценти – и на крај кога ќе биде готов. Затоа слободно можам да кажам дека во последните две и пол години сите објекти што се градат се контролирани од ИЗИИС. Контролирани се меѓу пет и шест милиони квадратни метри. Можам слободно да кажам дека контролата на објектите е најсилна во целиот регион – објаснува директорот на ИЗИИС.
Тој не сака да коментира каде е најкритично да се гради во Скопје.
– За градот Скопје постои мапа на сеизмичко микрореонирање и има различни зони во Скопје каде што може да се очекуваат поголеми и помали забрзување на тлото. Меѓутоа, за жителите на Скопје тоа воопшто не треба да биде важно. Единствено за што треба да се грижат жителите на Скопје е дали тоа станот што го купиле е прописно сеизмички проектиран и изведен – вели Гаревски, кој им сугерира на граѓаните, ако им е меродавна ревизијата на ИЗИИС, при купување стан да ја побараат и да видат која куќа е ревидент на нивниот иден стан.
– Сепак, ќе се осмелам да кажам дека најголемиот број од објектите што се изградени по земјотресот, вклучувајќи ги и тие што се изградени по 1990 година, лесно би можеле да го издржат скопскиот катастрофален земјотрес. Ова мое тврдење го базирам врз основа на анализата на објектите што се градат и ги гледам при моите прошетки во град. Можам да заклучам дека конструктивните системи речиси кај сите новоизградени објекти се асеизмички. Може да се забележи дека се добро избрани димензиите на столбовите и на платната и дека доминира најдобриот систем, т.е. доминира комбинација на рамки и на платна. Делумно, но визуелно, може да се заклучи дека и бетонот е квалитетен, но тоа најдобро го знае инвеститорот и зависи од совесноста на инвеститорите и од надзорот што ги контролира вградениот бетон и железото – вели Гаревски.
Првиот човек на Институтот за земјотресно инженерство апелира да не се надградуваат објектите од пред земјотресот бидејќи тие се најопасни за живеење.
– Иако многу е мал бројот на објектите кај кои има конструктивни грешки, постојат и такви, и тие се ризични. Најризичните објекти се надградените објекти од пред земјотресот и не можам да не го повторам моето мислење дека со еден параграф во Законот за градба треба да се воведе забрана за надградување на сите објекти што се изградени пред 1963 година – апелира до надлежните Гаревски.
За скопјани, особено за тие што биле сведоци и што го преживеале катастрофалниот земјотрес во 1963 година, и по 53 години се свежи сликите и сеќавањата од тој 26 јули. Според експертите, катастрофата на тој земјотрес не произлегува од неговиот интензитет, туку исклучително од слабиот квалитет на градбите. Неквалитетна градба е докажан масовен убиец, а тоа го знаат сите, особено тие што ги почувствувале стравот, болката и страдањата од таа најразорна природна катастрофа. Земјотреси со магнитуда меѓу 5,5 и 6 степени се класифицираат во групата на средни до силни земјотреси.
– Силните земјотреси се поврзани со тектониката на плочите и со ослободувањето на енергијата на активните раседи при нивното придвижување. Има 17 тектонски плочи кои се движат и се во колизија едни со други. На пример, во Австралија нема притисок и таму нема опасност од земјотреси. Тоа е на глобално ниво – објаснува Гаревски.
Со векови луѓето се прашувале што ја предизвикува Земјата да се тресе. Во 1960 година научниците, конечно, се согласиле за теоријата на тектонските плочи, која претпоставува дека површината на Земјата е изградена од плочи – цврсти камени плочи – кои се поместуваат релативно една на друга врз потоплиот, растопен материјал од надворешното јадро. Додека плочите се движат, тие се лизгаат и се удираат една во друга; на рабовите на плочите има раседи, т.е. рамнински пукнатини, кои имаат нерамни рабови и се „слепени“ еден за друг, додека остатокот од плочата постојано се движи. Кога се случува земјотрес, енергијата што вообичаено би предизвикала плочите да се разминат се насобира, сè додека силата на подвижните плочи не го надмине триењето на острите рабови на раседот. Раседот се одлепува и ја ослободува таа енергија, која во бранови зрачи нанадвор низ Земјата, предизвикувајќи земјотрес кога брановите ќе стигнат до површината.
За да го најдат епицентарот на земјотресот – местото на површината на Земјата што е директно над хипоцентарот, каде што почнува земјотресот – научниците треба да ги истражат брановите произведени од земјотресот. П-брановите патуваат побрзо и први ја тресат Земјата (примарни); потоа доаѓаат С-брановите (секундарни). Колку сте поблиску до епицентарот на земјотресот, толку поблиску еден до друг ќе ве погодат овие два брана. Со мерење на времето помеѓу брановите на три сеизмографи, научниците можат да ја одредат локацијата на епицентарот на земјотресот.
Балканското тло не престанува да се тресе. По скопските земјотреси, беа регистрирани потреси и во соседните земји – на Закинтос во Грција со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала, потоа во Бугарија кај Драјново со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала. Најмногу земјотреси се регистрирани во Турција и во Грција, главно со помали магнитуди меѓу 2 и 3 степени според Рихтеровата скала, а потреси имаше и во Србија, Романија, Босна и Херцеговина.
По земјотрес со магнитуда од 5,3 степени, нормално е да следува афтершокова активност од послаби земјотреси. Афтершоковите може да траат од два дена до повеќе од 10 дена, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Искуството покажува дека во скопскиот регион земјотреси до магнитуда четири се случуваат на десетина години, оние со магнитуда 5 на стотина години, додека, пак, тие со магнитуда шест се случуваат на 500 години.
Како се мери според Рихтеровата скала?
Рихтеровата сеизмичка скала определува еден број, од 1 до 10, за да ја квантификува количината на сеизмичката енергија ослободена при земјотрес. Бројот од скалата се добива како логаритам со основа 10 од хоризонталната амплитуда на најголемото поместување на Вуд-Андерсоновиот торзиски сеизмограф. Енергијата што се ослободува од земјотресот е еднаква на амплитудата на тресењето на степен 3⁄2, па, според тоа, разликата од 1 степен на Рихтеровата скала е еквивалентна на 31,6 пати поголема ослободена енергија, а разликата од 2 степени соодветствува на 1.000 пати поголема енергија. Поради физичките ограничувања на Вуд-Андерсоновиот сеизмометар што се користи во пресметката на скалата, силата на земјотресот не може да се одреди точно за потреси поголеми од околу 6,8. За посилни потреси се користи скала што се заснова на пресметка на сеизмичкиот момент место на сеизмичкото движење и се нарекува Скала на магнитуда на моментот.
Рихтеровата магнитуда на земјотресот се определува од логаритамот на амплитудата на брановите снимени од сеизмографите, при што се користи приспособување за да се компензира за варијациите во растојанието меѓу разни сеизмографи и епицентарот на земјотресот. Поради логаритамската пресметка, секој еден степен на скалата значи десет пати поголемо поместување на Земјата. Интензитетот и ефектот на земјотресот зависи не само од магнитудата, туку и од растојанието од епицентарот, длабочината на хипоцентарот, геолошките услови на почвата (некои земјишта можат да го засилат сеизмичкиот бран) итн.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(текстот излезе во 211. број на неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.