Хрватска е првиот финалист во Дејвис-купот, откако „коцкестите“ поведоа со недостижни 3-1 во третиот натпреварувачки ден од полуфиналната пресметка со Франција. Марин Чилиќ е херојот на Хрватите откако најдобриот тенисер од оваа земја ја забележа и втората сингл-победа, откако вчера помогна и во дубл триумфот над „триколорите“.
Чилиќ попладнево за противник го имаше Ришар Гаске, но во преполната сала во Задар не му дозволи на противникот ниту за момент да се понадева на победа. Хрватот поведе со 2-0 во сетови, потоа експресно направи и брејк, но Гаске возврати и само на кратко израмни на 2-2 во гејмови. Сепак, Чилиќ собра концентрација кога беше најпотребно, го доби третиот сет со 7-5 и ја одведе својата селекција во големото финале.
Таму Хрватите ги очекува пресметка со подобриот од дуелот Велика Британија – Аргентина, каде моментниот резултат е 2-2 во победи, но Аргентинците се соочија со огромен проблем откако Хуан Мартин дел Потро во последен момент го откажа својот настап, па во клучниот меч Леонардо Мајер игра против Даниел Еванс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.