| четврток, 6 декември 2018 |

Гала-премиера на македонскиот филм „Златна петорка“ за крај на „Браќа Манаки“

- Освен филмот од снимениот материјал ќе бидат обработени 5 посебни филмски епизоди кои ќе бидат емитувани како филмска серија. Филмот освен во Лондон ќе биде емитуван на 4 други фестивали и веруваме дека ќе има „голема километража“ низ светот, истакна продуцентот Дејан Милошевски

Во чест на наградените лауреати од годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ вечер во Битола ќе биде приредена гала-премиера на македонскиот филм „Златна петорка“, а светската премиера е закажана за 29 септември на Интернационалниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон.

Според режисерот Горан Тренчовски, првата проекција на филмот на респектиран меѓународен фестивал е големо признание за филмот и екипата што го реализираше.

– Филмот е една драмска структура, морална драмска сторија со благи елементи на трилер и романса која понира во едно време на 51. година од минатиот век, време не така многу далечно, период за кој има сведоци и преживеани. Филмот е посветен на грозоморен и апсурден парадоксален настан на ликвидација на пет студенти од Струмица познати како „Струмичка петорка“ или „Златна петорка“. Пред камерата сите беа успешни и успешно го отсликуваат периодот за животот на една прогресивна, младешка сила на 20 годишници кои имале своја идеја и кауза но биле ликвидирани во тогашниот систем, посочи режисерот Тренчовски.

Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и други.

– Освен филмот од снимениот материјал ќе бидат обработени 5 посебни филмски епизоди кои ќе бидат емитувани како филмска серија. Филмот освен во Лондон ќе биде емитуван на 4 други фестивали и веруваме дека ќе има „голема километража“ низ светот, истакна продуцентот Дејан Милошевски.

На задоволство на фестивалот како и на публиката, на денешната прес конференција присуствуваше и лауреатот на наградата „Голема Звезда“ што ја доделува Друштвото на филмски професионалци од Македонија, Сајмон Пери. Како што го најави директорот Куновски, Пери е продуцентот заслужен за лансирање на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и кој зад себе има брилијантна продуцнетска кариера.

За соработката со Манчевски, Пери објасни дека се’ започнало кога во 1993 година добил телефонски повик од човек со балканско име, кој го заинтересирал со својата идеја за филмот и фактот што доаѓа од една мала земја. Пери вели дека се уште ги следи филмовите кои доаѓаат од овој дел од Европа, но жали што не се прават повеќе филмови од Македонија.

-Секогаш барам оригиналност. Сакам да видам талент и начин на раскажување на приказна што порано не сум го сретнал. „Пред Дождот“ беше со сигурност таков тип на филм. Во тоа време, 1993 година, се сеќавам дека добив телефонски повик од непознато лице со балканско име, Милчо Манчевски, кој што ме заинтересира со својата идеја за филм. Македонија во тоа време беше нова држава, која што стекна независност по распадот на Југославија. Всушност Македонија беше најновата држава во Европа а можеби и во светот- рече Пери.

-Секогаш се интересирам за она што се случува во овој дел од Европа, можам да кажам дека сум малку разочаран што нема повеќе филмови од Македонија. Исто така мислам дека Теона Митевска е оригинален талент и добар режисер, а филмовите што таа ги направи му дадоа идентитет на македонската кинематографија. Знам дека не е лесно и наоѓањето фондови воопшто не е едноставно.

Пери истакна дека за него најголем предизвик е да трага по оригиналност и да работи со режисери од помали држави, кои што имаат свежина во пристапот и огромен талент. Како позитивни примери кои во моментов го фасцинираат ги издвои Финска и Исланд, а посочи и примери од Грција.

unnamed

Традицијата на положување цвеќе на гробот на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки (1880-1964), на Влашките гробишта во Битола, продолжи и на 37. ИФФК „Браќа Манаки“. Делегацијата, која ја предводеше раководниот тим на фестивалот, Куновски и Гена Теодосиевска, уметнички директор, беше составена од оскаровецот Џон Сил и неговата сопруга Луиз, Најџел Волтерс, како претставник на ИМАГО, повеќе млади кинематографери – гости на фестивалот, претставници на Советот на Општина Битола, на влашката заедница и на политичките партии од Битола.

Вчера вечер, во рамките на програмата на 37-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, беше одбележан и јубилејот 45 години македонски анимиран филм, кој беше организиран во соработка со Кинотеката на Македонија.

Во малата сала при Центарот за култура во Битола беа прикажани десет анимирани филмови од македонски автори. Филмологот Сунчица Веселиновска од Кинотеката на Македонија објасни дека селекцијата на анимираните филмови е составена со цел да го прикаже развојот на анимираниот филм.

unnamed-1

– Публиката имаше можност да погледне селекција од десет анимирани филмови од позначајни македонски аниматори кои твореле во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, како и анимирани филмови од помладите автори. Значајно е да се истакне дека Кинотеката на Македонија и понатаму се грижи за чувањето и заштитата на анимираниот филм, кој е од особено значење за македонската кинематографија – рече Веселиновска.

Вечерва, со свеченото доделување на наградите Златна Сребрена и Бронзена камера 300, на Мала Златна камера 300 за најдобар краток филм, како и на специјалтната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на познатиот американски кинематографер Федон Папмихаил и „Голема Ѕвезда“ на продуцентот Пери и со проекцијата на филмот „Златна петорка“, кој се прикажува надвор од конкуренција, ќе заврши 37. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top