| четврток, 6 декември 2018 |

Изградени првите фитнес-зони во Штип (ФОТО)

fitnes-zoni-640x360

Во Штип е отворена првата фитнес-зона, што е дел од новиот проект на Агенцијата за млади и спорт за изградба на вкупно 20 на територијата на земјава. Зоната е на површина од 180 квадратни метри, со тврда гумирана подлога и осум реквизити, целосно безбедни и едноставни за користење.

–  Агенцијата за млади и спорт иако почетокот на овој проект го најави за октовмри, сепак успеавме во експресно брз рок да ги завршиме тендерските процедури, проектно-техничката документација и секако во соработка и поддршка на дел од општините веќе и ги завршивме дел од фитнес-зоните – вели Спасески.

fitnes-zoni2

Во завршна фаза се и фитнес-зоните во Кочани, Дојран и во Гевгелија, се работи во Ресен и во Охрид, а до крајот на годинава ќе бидат функционални и во Берово, Маврово-Ростуше и во Прилеп.

– Инвестицијата на една фитенс-зона е два милиони денари, а целокупната инвестиција за реализација на вкупниот проект е 40 милиони денари – рече Спасески.

Во изминатиот период за подобрување на спортската инфраструктура, само преку Агенцијата се инвестирани над 75 милиони денари, а веќе за следната година е најавена изградба на игралиште за стрит баскет и скејт парк.

fitnes-zoni1

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев, изјави дека како локална власт се мотивирани од позитивните реакции и секојдневното користење на фитнес-зоната од страна на рекреативците и спортистите да изградат уште четири вакви фитнес-зони во населбите Дузлак, Сењак, во ЗОО градината и во една од приградските населби.  

– Отворањето на фитнес-зоната е корисна за сите, пред сѐ за најмладите, но и за најстарите. Таа е лоцирана на најживописниот дел од нашиот град, покрај клисурата на реката Брегалница. Се наоѓа покрај шеталиштето кое го изградивме пред две и пол години и да истакнам дека од понеделник почнува и изградбата на уште седум километри од оваа шеталиште и оваа патека, која ќе оди од населбата 8 Ноември до Стар  Караорман – рече Захариев.

Тој истакна дека во моментов од буџетот на Општината се оградуваат 15 спортски игралишта во општина Штип.

Инаку, изградбата на фитнес-зоните е дел од 40-те мерки за млади на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top