| четврток, 6 декември 2018 |

На фестивалот „Браќа Манаки“ претставена македонската екипа на филмот „Сиераневада“

Синоќа на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола се одржа свечена проекција на филмот „Сиераневада“, на која беше претставен македонскиот тим на чело со Лабина Митевска, чијашто продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“, беа македонски копродуценти.

На денешната прес-конференција, директорот Благоја Куновски – Доре разговараше со дел од македонската продукција на филмот на наградуваниот романски режисер  Кристи Пуиу. Освен Митевска, Иво Бару, асистент на режија и Атанас Георгиев, монтажер на звукот говореа за несекојдневното искуство да се работи со овој врвен романски режисер. По разговорот со тимот од „Сиераневада“, повторно се говореше за копродукции, но овој пат не само од регионална, туку и од европска перспектива. Своите искуства и ставови на оваа тема ги изложија продуцентката Лабина Митевска и словенечкиот продуцент Даниел Хочевар.

„Сиераневада“ е филм кој отвори многу дискусии, како за формата и начинот на снимање, така и за содржината. Куновски истакна дека романската кинематографија е светол пример за современост и актуелност.

Тимот составен од продуцентката Лабина Митевска, монтажерот на звук Атанас Георгиев и асистентот на режија Иво Бару, ги пренесе своите искуства од работата на овој филм кој претставува сложена европска копродукција помеѓу Романија, Македонија, Босна и Херцеговина, Франција и Хрватска.

Лабина Митевска изрази благодарност до фестивалот за можноста нивниот филм да се прикаже овде и прекрасното искуство од филмската премиера.

Иво Бару, асистентот на режија пак објасни дека Кристи Пуиу е строг режисер, кој имал свои замисли за филмот и по секоја цена ги остварувал. Од актерите барал совршена координација, а од камерманите практично да го заборават она што го учеле како занает и да го прифатат неговиот екпсериментален пристап, за да се добие специфичната поетика на светлото и сликата.

-Има многу режисери во светот, но јас ја имав можноста да работам со автор, кој ги постави темелите на новиот романски бран. За филмот може многу да се зборува, тоа што го доживеавме за време на снимањето е животно школо – рече Бару.

Тимот објасни дека Пуиу напати бил немилосрден кон актерите, но токму затоа финалниот продукт е една речиси кореографски прецизна динамика на дејството и движењето.

Лабина Митевска додаде дека интересно кај овој режисер било тоа што не работел во предвидливи рамки и сето време правел промени, менувал камермани па и актери во последен момент, но финаклниот продукт е вистинска поетика.

-Она што ме воодушеви е тоа што филмот има некоја поезија, се е кореографирано, глумците и движењата на камерата. Одамна не сум видела таков сензуален пристап на снимање филм. Иако не е технички перфектна, таа искреност и директност,која доаѓа од камерата ја допира душата и создава едно чувство на вознемираност – објасни Митевска.

proekcija-siera-nevada

Атанас Георгиевски, задолжен за монтажата на звук, објасни дека Пуиу бил толку бекомпромисен што се однесува до неговите замисли, што кога продуцентот му наложил значително да го скрати времетраењето на филмот, тој на своја рака, без да знае дистрибутерот, го пратил филмот на фестивалите и во Берлин и во Кан, па на крај филмот останал во оригиналната должина од 173 минути.

-Постојат два типа режисери. Едниот е диктатор, а другиот е демократ. Кристи, дефинитивно, не е демократ. Се вели дека  играниот филм веќе се стреми да биде документарен, а документарниот филм се претвора да биде игран, кај Пуиу тоа е комплетно постигнато. Неговиот филм изгледа како документарен. Овој негов експеримент е сериозно успешен – вели Георгиевски.

По интересната дискусија околу „Сиераневада“, директорот Куновски отвори уште една дискусија околу копродукциите, а овој пат на темата говореа продуцентите Лабина Митевска и Даниел Хочевар од Словенија.

Хочевар го изнесе својот став дека регионалните копродукции се најзначаниот облик на копродуцирање, од кој државите имаат најголема корист. Лабина Митевска пак, токму напротив, смета дека особено помалите држави имаат многу повеќе добивка од копродукција со европски држави, надвор од рамките на регионот, бидејќи добиваат шанса да работат со врвни светски професионалци и на тој начин учат и го издигнуваат сопственото ниво.

-Државите со кои што делиме заеднички јазичен простор, се оние со кои што најлесно ќе соработуваме – смета Хочевар.

Лабина Митевска, пак, рече дека иако имала многу можности да работи на регионални копродукции, тоа не е тоа што ја интересира и привлекува, не поради некаква ароганција,туку поради различноста што Балканот не може да ја понуди.

-Мене регионалните копродукции не ме интересираат. Ме интересираат комплексните европски копродукции, бидејќи сметам дека кога се работи копродукција, она што ние на Балканот можеме естетски да го понудиме е многу слично. Исто така, не можеме да развиеме звук како што може една Франција или Белгија. Кога ќе ги видете Французите како го работат звукот, сфаќате дека ние сме многу назад. Кога ги работам филмовите, она што ме интерсира е да донесам врвни професионалци и едни од други да учиме и да го подигнеме нивото во однос на продукцијата. Мислам дека балканските копродукции не можат да ми го поднудат она различното кон кое што се стремам – рече Лабина Митевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top