Претседателот Ѓорге Иванов денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, по повод 70 години од пензионерското организирање.
– Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и на семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни фактори на општествените текови – истакна Иванов.
Сево ова, како што додаде, на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верификувано од нашето општество.
– Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и на должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството – рече претседателот.
Според него, Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија.
– Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите – додаде Иванов.
Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски во обраќањето на свечената академија рече дека оваа Повелба значи признание за 250 илјади пензионери, како и за седумдецениската историја на пензионерското организирање во Македонија.
Аргировски во оваа прилика ги наведе активностите на здруженијата на пензионери на полето на културата и уметноста, особено во музиката, како и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.
На свечената академија свој настап имаа и ансамблите на здруженијата на пензионери од Гази Баба, СолидарностАеродром, Центар, Чаир, Ѓорче Петров и Кисела Вода.
Признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија се доделува по повод 70 години од основањето како самостојна и автономна организација, а особено за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност преку многубројните активности за афирмирање на статусот и за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите од Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Повелбата „Свети Климент Охридски“ годинава ќе ја добие Марко Пејчиноски
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Филип Димишковски ја доби наградата „Golden Oryx “ за најдобар млад џез-музичар
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ